Search

Поднесени преставки до Народниот правобранител од семејствата на осудените за „27 април“

Поднесени преставки до Народниот правобранител од семејствата на осудените за „27 април“

Семејствата на дел од притворените за настаните за 27 април, кои минатата недела беа осудени на, според нив, драконски казни, денес поднесоа претставка до Народниот правобранител против решението на судијката Добрила Кацарска. Тие сметаат дека Кацарска, спротивно на закон и неосновано им одредила нова мерка притвор на дел од обвинетите кои претходно имаа дадено гаранција да се бранат од слобода, а која беше прифатена од Кривичниот суд и потврдена од Апелациониот суд. Народниот правобранител им ветил на семејствата дека ќе ја разгледа претставката и соодветно ќе реагира доколку се утврдат повреди на човековите права.

Како што семејствата наведуваат во претставката, судијката направила груба повреда на постапката кога кон гаранцијата, ја додала и мерката притвор бидејќи обвинетите редовно се јавувале на судењата, никој од нив не се дал во бегство, не го повторил или, пак, го довршил кривичното дело, не е донесена ниту правосилна судска одлука со која осудениот може да почне да ја издржува затворската казна. Токму поради овие околности, како што посочуваат тие, решенијата за определување на новата мерката притвор на обвинетите на кои претходно им е уважена гаранцијата за да се бранат од слобода се незаконити, а дадената гаранција не може да се укине поради непостоење на законски основ за тоа бидејќи изрекувањето на првостепена пресуда не е основ предвиден во ЗКП за укинување на гаранцијата.

– Во петокот, судијката Добрила Кацарска, по изрекувањето на затворските казни на предлог на обвинителката Ивана Трајчевска за сите обвинети определи мерка притвор, со што со донесените решенија за некој од обвинетите направи правен преседан во македонскиот правосуден систем нешто што досега го нема направено ниту еден судечки совет. За обвинетите, за кои беше определена гаранција, судијката Кацарска при донесувањето на решенијата за определување на мерката притвор намерно или случајно ја заборави гаранцијата и во решенијата со кои повторно им определи притвор, таа воопшто не ја спомена истата, па така се доведе во ситуација да испрати луѓе во притвор со гаранција која и натаму е во правна сила, велат семејствата на осудените.

Ваквата одлука на Судот, како што коментираат и адвокатите, е во спротивност со одредбата од член 144, став 2, од Законот за кривичната постапка во кој децидно се вели дека спрема обвинетиот истовремено може да се определат повеќе мерки на безбедност, освен кога ќе ја определи мерката притвор. Воедно, како што појаснуваат правниците, во законот точно се определени условите кога веќе еднаш уважена гаранција може да пропадне или да се врати на лицето, а тој услов не е и не може да биде првостепената судска одлука за огласување на лицето за виновно и одмерувањето на казната. Гаранцијата може да пропадне и на обвинетиот ќе му се определи притвор ако не дојде на уредно доставената покана и не го оправда своето отсуство, ако побегне и ако го повтори или пак го доврши кривичното дело, а пак ќе му биде вратена ако за лицето е донесена ослободителна пресуда, ако обвинението се одбива или ако постапката е запрена, а ако со пресудата е изречена казна затвор, гаранцијата се укинува дури кога осудениот ќе почне да ја издржува затворската казна.

Истовремено семејствата го известија правобранителот и за уште една груба повреда од страна на судијката Кацарска, кога по објавувањето на пресудата, обвинетите кои се бранеа од слобода им беше ограничена слободата цели три часа додека судечкиот судија не соопшти дека сите одат во притвор. Во овој период обвинетите не смееја да ја напуштат судницата, па дури и доколку имаа потреба од тоалет беа придружувани од полиција, иако за тоа не беше донесена писмена судска одлука. Со ваквото постапување судот не само што ги повреди основните човекови права туку направи и груба повреда и на член 12 од Уставот.

За кривичното дело терористичко загрозување на 17 обвинети за настаните од 27 април во Кривичниот суд им беа изречени вкупни казни од 211 години затвор.

Треба да знаете
Последни објави