Search

Поддршка на ЕСКО компаниите за заштеда на енергија во општините

Регионална програма за енергетска ефикасност што е финансирана од ЕУ, а раководена од Европската банка за реконструкција и развој (ЕБОР) во соработка со Секретаријатот на енергетската заедница има за цел да ги поддржи проектите за енергетска ефикасност во РСМ во три сектора: уличното осветлување, мали дистрибутивни системи за греење и водоснабдување,  информира Здравко Стефановски, координатор на проектот на Европската Банка за Обнова и Развој (ЕБОР) на денешниот прес во Стопанската комора.

Во проектот, како што соопшти Стефановски интерес изразиле околу 20 општини, од кои Маврово-Ростуше, Василево, Валандово, Радовиш, Македонска Каменица и Пробиштип влегуваат во првата фаза на пилот проектите, во кои имплементацијата ќе започне многу скоро и во кои финансиските конструкции, тендерските документации и „Energy performance” договорите, односно договори за услуги во енергетскиот сектор веќе се во завршната фаза.

– Предностите се тоа што со заштедата на енергија, директниот бенефит го осеќаат општините. Финансирањето, изведбата и гаранциите ги сносат ЕСКО компаниите, а јавниот сектор односно општините го плаќаат ануитетот према ЕСКО компаниите, исклучиво преку заштедата на енергија во месечни ануитети. Тоа значи дека по завршувањето на договорот меѓу ЕСКО компанијата и општината, во целост заштедата на енергија и опремата остануваат на јавниот партнер. За таа цел Европската банка презема со себе да го помогне целиот овој процес односно да припреми т.н. „Energy performance” договори, односно фирмите што ќе даваат услуги во јавниот сектор, а се со цел за успешно спроведување на истиот, појаснува Стефановски.

Стефановски очекува дека во наредниот месец, најкасно до 15 јуни, тендерската документација да биде објавена, а во меѓувреме, како што информира, овие општини ја припремаат целокупната техничка документација и спецификација што ќе биде основ, ќе подлежи на ревизии и ЕСКО компаниите ќе можат да излезат со свои понуди према јавниот сектор.

Проектот, како што информира, е во времетраење од 18 месеци, а технички ги помага и општините и ЕСКО компаниите. Исто така и банкарскиот сектор има важна улога во помагање на ЕСКО компаниите и во реализација на овие договори.

Имено, на 15 мај во Стопанската комора на Македонија ќе има работилница во три сесии, во првата сесија се поканети општините што изразиле интерес за учество на овој проект. Во втората сесија се банките што треба да ги поддржат ЕСКО компаниите во спроведувањерто на проектите во јавниот сектор. Во третиот дел се повикани сите заинтересирани фирми да дојдат за да земат учество во реализација на одржливи проекти преку заштедата на енергија.

– Агенцијата за енергетика презема активности, иницијативи за зголемување на информирањето, промоцијата и подигањето на свеста за енергетска ефикасност и користење на обновливите извори на енергија за сите заинтересирани јавни и приватни субјекти, домашни и странски инвеститори вклучувајќи ги и домакинствата, истакна Нехри Емрула, директор на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија. 

Треба да знаете
Последни објави