Search

Поголема независност на општините во издавање одобренија за градба

Општините да добијат ингеренции да издаваат дозволи за градење и за линиски инфраструктурни објекти, стадиони и спортски сали со бруто развиена површина над 1.500 квадратни метри за кои инвеститор е државата, а изградбата е финансирана со средства од државниот Буџет, предвидуваат предложените измени на Законот за градење, кои денеска по скратена постапка, ги поддржа матичната собраниска Комисија.
Во досегашната примена на законот, заради обезбедување поголема контрола и ефикасност во работењето, како и градење поголема независност на локалната самоуправа, се појавила потребата надлежноста на органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот за издавање одобренија за градење на одредени објекти да се префрлат во надлежност на градоначалниците на општините, односно градоначалникот на Град Скопје.
– Се согласувам со предлогот дека единиците на локалната самоуправа треба да имаат поголема независност и да им се овозможи ингеренцијата да издават дозволи за изградба на објекти од државен карактер, како што стои во член  58 став 5. Се надевам дека колегите ќе имаат ваков конзистентен став и при расправата за донесување на законот за урбанистичко планирање и нема да дозволат Владата да носи урбанистички планови туку тоа ќе им го препише на единиците на локална самоуправа, рече претседателката на Комисијата и пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуровска.
На седницата беше прифатен амандман со кој се предвидува вградување или замена на опрема во градба за внатрешна гасоводна инсталација по претходна согласност од надлежни органи за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Интервенцијата е на барање на Јавното претпријатие за гасоводни услуги од Куманово откако досегашната законска обврска им попречила активности на терен.
Законските измени ги поздрави и независниот пратеник Панчо Минов, кој побара пред распуштање на Собранието да се најде решение за статусот на објектите што не се завршени во законските рокови и се во фаза на карабина, односно не се целосно изведени според основниот проект.
Во Катастарот за нив не може да се впише правото на сопственост поради недефинираната површина, па тие објекти се оставени на забот на времето и со нив не може да се располага, ниту да се инвестира повторно. Со таков статус има и јавни и приватни објекти низ сите општини во држвата. Оодбренијата им се неважечки, но се бришат и сите евиденции во Катастарот и сопственоста. Ако сакаат да ги  активираат за нови инвестиции, дали за иста или друга намена наидуваат на проблем во делот на обезбедување сопстевност.
Минов бара да се утврди површината и таа да се впише како статус и право во Катастарот со забелешка, со што инвеститорот ќе има основ да реинвестира во обновена постапка.

Треба да знаете
Последни објави