Search

Повторно се чисти „дивата” депонија пред кумановската населба „Перо Чичо”

Трет пат месецов се чисти „дивата” депонија пред влезот на кумановската населба  „Перо Чичо”. Во чистењето, вклучени се екипи на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило” и механизација од општествено одговорни компании, објави на социјалните мрежи кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

– Оваа локација се чисти по трет пат месецов, од страна на екипите на Ј.П. „Чистота и зеленило” Куманово во заеднички акции со општествено одговорни компании, но за жал, несовесни граѓани и поединци продолжуваат со неодговорно однесување исфрлање на смет, создавање на диви депонии во и вон градот и нивно опожарување, стои во објавата на Димитриевски.

Тој повика на совесност на граѓаните и активен пристап на сите институции во надминување на овој проблем со создавање на „дивата” депонија во овој дел од Куманово.

– И покрај редовните акции на комуналната инспекција која има мали законски можности за санкционирање на сторителите, односот на МВР кон овој голем проблем во градот е пасивен и се сведува на ниво на набљудувач, иако законот за јавна чистота и комунална хигиена ги обврзува да делуваат и водат постапки кон сторителите.Општината сама и со сопствени сили не може да се справи со овој проблем, потребна е активен пристап на сите институции и граѓанска соработка, напиша Димитриевски.

Градоначалникот апелираше до совесните граѓани да ги пријавуваат случаите на исфрлање отпад од поединци, да ги фотодокументираат и  да ги проследат на службениот телефон на раководителот на општинските инспекциски служби, Бобан Бојковски 070757510 и повика да се пријават сите незаконски дејствија за незаконски градби, узурпации на државен имот и слично.

Треба да знаете
Последни објави