Search

„Поврзување на теоретската и практичната обука во областа на автомеханиката“

АСУЦ „Боро Петрушевски“ на Град Скопје, има богата меѓународна соработка со средни стручни училишта од странство и секоја година, учениците учествуваат во многу меѓународни проекти, натпревари и други настани.

Оваа година, во рамките на проектот „Поврзување на теоретската и практичната обука во областа на автомеханиката„, 12 ученици од III год., реализираа практична обука во Љубљана, во периодот од 17 до 31.3.2019 год. Практичната обука учениците ја реализираа во училишните работилници во склоп на часовите по практична настава во училиштето и во сервиси за возила. Партнер во проектот беше училиштето „Strokovni izobraževalni center Ljubljana“.

Пред реализирање на мобилноста во странство, претходеше период на подготовка на учениците (јазична и стручна), со цел учениците да можат поуспешно да се вклучат во работниот процес и, воедно, да ги оправдаат целите на проектот.

Учениците, во училиштето, учествуваа на часови по теоретска/практична настава по стручни предмети, која се реализираше во современо опремени кабинети, каде им се овозможи да ја согледаат поврзаноста на теоријата со практиката и начинот на реализација на истата. Во сервисите за возила, учениците, реализираа комплетен сервис на најсовремени возила, користеа современ алат, го увидоа начинот на организација на работниот процес и сл. Се работеше на следниве возила: “Mazda 6”, “Peugeot”, “Volvo XC 90”, “Ford Fiesta”, “Porsche Cayenne”, “Dacia Duster”, “Renault”, “Opel”, “Nissan”, BMW X5, “Chevrolet Spark”, “Hyundai Sonata”, “Volkswagen Caddy Maxi” , електромобил “Twizy” и др.

Постигнувањата  и стекнатите знаења на учениците, беа евидентирани од страна на менторите и потврдени со соодветни сертификати.

Во проектот, учетвуваа и 4 наставници, кои ги придружуваа учениците и, воедно, ги посетија часовите по теоретска и практична настава во училиштето, а, исто така, и сервисите за возила каде учениците ја реализираа практичната обука. Наставниците разменија искуства во однос на наставните планови и програми, поврзаноста на теоретската со практичната обука, начинот на организација на практичната настава во училиштето и во сервисите за возила и, воедно, разменија стручна литература и друга документација со цел поуспешно евидентирање на постигнатите резултати на учениците во текот на годината.

 

Освен од стручен аспект, бенефитите од проектот се големи и во однос на можноста учениците да запознаат нова култура, да посетат дел од културните знаменитости на Словенија, дружење со учениците од партнерското училиште и сл.

Реализација и на овој проект, како и сите претходни од програмата Еразмус+, придонесува за зголемена професионалност на учесниците во проектот, што придонесува сервисите за возила да се здобијат со висококвалификувана работна сила.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави