Search

Повеќе од 7.500 нелегални мигранти годинава со бродови пристигнале во Велика Британија

Повеќе од 7.500 нелегални мигранти со бродови стигнале до Обединетото Кралство преку Ла Манш од Франција од почетокот на годинава, достигнувајќи ја бројката што „Мајгрешн воч УК“ ја предвидуваше за до крајот на годината, пренесува „Дејли мејл“.

По пристигнувањето на уште 100 мигранти во понеделникот, вкупниот број се искачи на рекордни 7.532, четири пати повеќе од бројот на мигранти во 2019 година.

Од почетокот на месецот, околу 403 мигранти со брод успешно го преминале каналот. Во септември беше постигнат месечен рекорд од 1.954 мигранти пристигнати во Велика Британија.

Во јули, „Мајгрешн воч УК“ предвиде дека – врз основа на тогашните трендови на пристигнување – меѓу 7.500 и 7.600 мигранти ќе стигнат во земјата до Божиќ. Налудничавото темпо на илегална миграција доведе до тоа предвидувањата да се остварат два месеци порано од очекуваното.

Реагирајќи на најновата мрачна пресвртница, извршниот директор на „Мајгрешн воч УК“ , Бен Грининг, рече: „Во последните неколку месеци имаше голем пораст на нелегални премини и речиси шестпати поголем број на пристигнувања од истиот период минатата година.

„Постојано слушаме од министрите за плановите да се запре ова, но каде е акцијата? Зајакнувањето на безбедноста на пристаништата и огромно зајакнување на спроведувањето на законот, вклучително и депортации, се итни и неопходни “, додаде Грининг.

Во вторникот министерот за имиграција, Крис Филп, ја искористи стандардната реплика на британската влада дека британските и француските власти работат заедно во борбата против бандите што шверцуваат.

„Ние сме посветени на поправање на системот за азил, да го направиме поправеден и поцврст, сочувствителен кон оние на кои им е потребна помош и отворен за луѓето преку безбедни и легални патишта“, додаде Филп.

По рекордниот број премини во јули и август, „Мајгрешн воч УК“ ги ажурираше своите проекции, велејќи во септември дека Велика Британија е на добар пат да се соочи со 10.000 нелегални мигранти со бродови до крајот на годината. Организацијата посочи три главни начини на кои британската влада може да ги намали брановите нелегална имиграција.

Прво, тинк-тенк групата ја повика владата да склучи договор со Французите со кој ќе се осигура дека секој што тргнува веднаш ќе биде вратен во Франција. Второ, владата треба значително да го зголеми бројот на депортации на оние кои немаат право да бидат во Британија, вклучувајќи ги и неуспешните баратели на азил.

Конечно, „Мајгрешн воч УК“ рече дека Парламентот треба да ги смени законите за имиграција за да ги намали факторите на привлечност за мигрантите, како што се бесплатно домување за барателите на азил, и намалување на додатоците финансирани од даночните обврзници за мигрантите кои бараат азил во Велика Британија.

Во изминатите неколку месеци, владата на Борис Џонсон претстави низа планови за намалување на нелегалната миграција, вклучително и сместување мигрантите на траекти, користење на  островот Асенсион како притворен центар, налог до Кралската морнарица да ги враќа чамците од Ла Манш и користење пловечки sидови и мрежи за да се спречат бродовите со мигранти да стигнат до британските територијални води.

Со зголемените трошоци за сместување на претпоставените баратели на азил и ограничен капацитет во хотели, владата е принудена да ги преземе поранешните касарни и другите воени објекти за да ги смести мигрантите.

Треба да знаете
Последни објави