Search

Повеќе од 160 земји го прифатија договорот од Маракеш

Договорот на Обединетите нации кој обезбедува гаранции за безбедно, хумано и уредно движење на луѓе од целиот свет денеска го усвоија повеќе од 160 земји во мароканскиот град Маракеш.

АП објави дека на конференцијата, која беше отворена од страна на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, високите претставници на владите на 164 земји, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел, дале поддршка на Глобалниот договор за миграција, и покрај несогласувањето на САД и некои други земји.

Застапниците на овој договор велат дека миграциите можат да им помогнат на националните економии да ја подмладат работната сила во земјите со постари работници и дека со уредена миграција ќе бидат спасени животи.

Оние кои се противат на договорот тврдат дека ќе го доведат во прашање националниот суверенитет и се плашат од приливот на мигранти, објави агенцијата.

Станува збор за документ од 34-страници кој носи 23 цели за да се обезбеди „безбедна, редовна и регулирана” миграција, вклучувајќи ја и заштитата на мигрантите од експлоатација и кршење на човековите права.

На листата се цели што се однесуваат на собирање податоци, обезбедување информации за мигранти, борбата против шверцот и трговијата, инвестиции во развој на вештини, пристапот до основните услуги и промовирање на социјално вклучување и кохезија.

Се става акцент на важноста од намалување на негативните фактори кои ги тераат луѓето да ги напуштат своите земји, како и да управуваат со националните граници на „интегриран, безбеден и координиран начин”.

Треба да знаете
Последни објави