Search

Повеќе од 100 конзервативни пратеници сакаат Британија да биде како Норвешка по Брегзит

Повеќе од 100 членови на Конзервативната партија во Велика Британија се подготвени да го поддржат истапувањето на земјата од Европската унија, по што таа би имала статус како Норвешка, објави британскиот весник „Сан”, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.

Исто така, со оглед на тоа дека договорот за повлекување на Лондон од ЕУ, кој го договори премиерката Тереза Меј со Унијата најверојатно нема да биде изгласан во британскиот парламент, Стивен Кинок од Лабуристичката партија  навести дека лојалните конзервативци се повеќе се наклонуваат кон опцијата за усвојување на „норвешкиот модел”. Тој вели дека веќе имале многу продуктивни разговори со опозицијата и оти откако договорот на Меј биде поразен во парламентот ќе имаат доволен број конзервативни гласови за парламентарно мнозинство за „норвешкиот модел”.

Пред 25 години, откако на референдум вторпат рекоа „Не” на членство во ЕУ, Норвежаните влегоа во Европската економска област (ЕЕО) и станаа дел од единствениот пазар. Најсеопфатниот билатерален договор кој богатата европска земја кога и да е го потпишала е темел на она што се нарекува т.н. норвешки модел во односите со Брисел. И денес, над 70 отсто од Норвежаните не сакаат да бидат дел од Унијата, но следат околу три четвртини од директивите на Унијата.

Норвешка е еден од основачите на ЕЕО, каде се и сите членки од Еу и Исланд и Лихтенштајн. Официјално Осло ги следи сите правила на единствен пазар, па и она за слободно движење на работната сила. Една од причините поради кои Британците гласаа за Брегзит беше токму враќање на контролата над имиграциската политика, а Норвешка во моментов бележи поголема имиграција по глава на жител отколку Велика Британија.

Норвешкиот однос со Брисел функционира затоа што е динамичен, односно се применуваат сите промени во европското законодавство, за разлика од непроменливите одредби на договорот меѓу Унијата и Швајцарија. Заедничко за норвешкиот и швајцарскиот модел е тоа што нивните дипломати не учествуваат во носењето на одлуките во Брисел, па Норвешка е активна во позадинско лобирање.

Пристапот кон единствениот европски пазар има и своја цена, за која Осло преговара со Брисел на секои пет години. Норвешка годишно во буџетот на ЕУ индиректно уплатува речиси 900 милиони евра. Како членка на ЕЕО, во источните и југоисточните членки на Унијата финансира мобилност на пазарот на трудот, истражувачки проекти и иновации, образование, граѓанско општество, заштита на животната средина, енергетска ефикасност и обновливи извори.

Норвешка е дел од Шенген зоната. Учествува во заедничката антитерористичка борба на Унијата, учествува на полето на ЕУ одбраната, како и во истражувања. Земјата прифаќа азиланти и бегалци преку системот на квоти на ЕУ. Најважните економски гранки кои не влегуваат во договорот се земјоделство и рибарство.

Британските пратеници синоќа изгласаа преземање на контролата над  дневниот ред во Парламентот, со цел утре да можат да одржат низа гласања за алтернативните опции за Брегзит. Пратениците би можеле да гласаат за седум различни опции, вклучително одржување на нов референдум, излегување од Европска Унија без договор или со договор каков што има Норвешка, а со кој Велика Британија би имала пристап до единствениот пазар на ЕУ и до зоните за слободна трговија. Една од опциите би можела да биде откажување од Брегзит.

Треба да знаете
Последни објави