Search

Повеќе од половината членки го ратификуваа Протоколот за НАТО

Со последната ратификација на Протоколот за членство, која се случи вчера во германскиот Бундестаг, 16 од 29 земји-членки го официјализираа пристапувањето на Северна Македонија во најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Германија е 16. држава која го ратификуваше Протоколот, а властите во земјава, но и високите претставници на Алијансата се надеваат дека целиот процес ќе заврши до декември, кога се одржува Самитот на НАТО во Лондон. На декемврискиот Самит Алијансата одбележува 70-годишнина, а тоа се смета за добра можност Северна Македонија да стане 30. членка. Сепак доколку процедурата не биде завршена дотогаш очекувањата се земјата и официјално да стане дел од НАТО и да учествува во процесот на носење политички одлуки на почетокот на следната година.

Владата на Германија во образложението на Протоколот од 6 февруари 2019 година изразува убеденост дека приклучувањето на Република Северна Македонија кон НАТО ќе значи придонес кон безбедноста и стабилноста во евроатлантскиот простор.

На ратификацијата на членството се спротивставија популистичката Алтернатива за Германија (АфД) и Левицата, јави Дојче веле. Петр Бистрон од АфД ѝ честиташе на земјата поради затворањето на Балканската рута за бегалците во 2016 година, но рече дека неговата партија ќе гласа против членството во НАТО затоа што има „голем проблем со корупцијата”, а „Балканот е само предградие на Европа”.

Александер Ној од Левицата се спротивстави на проширувањето на НАТО и ја критикуваше „прозападната Влада во Македонија дека погрешно го интерпретирала референдумот за промена на името”. Ној цело време во излагањето го користеше терминот „Македонија” поради што влезе во судир со еден пратеник со грчко потекло во Бундестагот.

Протоколот завчера го ратификуваше Парламентот на Норвешка, а норвешкиот министер за надворешни работи Ериксен Сореиде оваа информација ја сподели на Твитер налогот на новешкото МНР.

-Важен чекор за безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко. Во очекување да ја видиме Северна Македонија како сосед на Норвешка на масата на Северноатлантскиот совет, напиша тој на Твитер.

Амбасадорите на 29. земји-членки на 6 февруари во седиштето на НАТО го потпишаа Протоколот за членство, а прва го ратификуваше Грција. Очекувањата се овој месец Протоколот да влезе во процедура и во САД.

Меѓу земјите што треба да го ратификуваат е и Турција, а во јавноста се појавија сомнежи дека оваа земја може да калкулира со Протоколот поради присуството на ФЕТО во државава. Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар при неодамнешната посета на земјава предупреди дека структурите на ФЕТО, што функциуонираат во земјава им штетат на билатералните односи. Тој изрази верба во институциите на земјата и надеж дека ќе преземат мерки за ослободување од овие, како што рече терористички структури.

А премиерот Зоран Заев, за време на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој оваа недела беше во земјава, придружуван од највисокото тело за носење политички одлуки во Алијансата – Северноатлантскиот совет, истакна дека Турција е еден од нашите најголеми пријатели, а нивните очекувања се кога ќе завршат сите политички изборни процеси да ја отпочнат процедурата за ратификација.

Тој на заедничката прес-конференција со Столтенберг се повика и на изјавата на потпретседателот на турската Влада дека тие продолжуваат со поддршка на нашата земја  и во најкус можен рок ќе го ратификуваат овој протокол.

Првиот човек на НАТО посочи дека Протоколот се ратификува со забрзано темпо, а Северна Македонија веќе е дел од трансатлантското семејство. Додаде дека членството треба само да се формализира по ратификацијата на овој документ од страна на земјите-членки, по што земјата и официјално ќе може да учествува во процесот на донесувањето на одлуките.

Треба да знаете
Последни објави