Search

Повеќето њујорчани веруваат дека Трамп ќе биде реизбран

Силно мнозинство од гласачкото тело во Њујорк верува дека претседателот Доналд Трамп ќе освои втор мандат во Белата куќа, покажа денеска една нова анкета, пренесува „Њујорк пост“.

Шеесет и два отсто од регистрираните гласачи во Њујорк предвидуваат дека Трамп ќе биде реизбран, а само 29 отсто сметаат дека ќе ги изгуби изборите во ноември, покажа истражувањето на „Сиена колеџ“.

Очекувано, 81 отсто од републиканците се цврсто уверени во резборот на Трамп исто како и 73 отсто од независните гласачи, но истото го мислат и изненадувачки 48 отсто од демократите. Практично секоја група во Њујорк смета дека Трамп ќе освои втор мандат во ноември: 63 отсто од синдикалните домаќинства, 58 отсто од жителите на Њујорк и 69 отсто од приградските населби.

Гласачите Афроамериканци се поделени – 43 отсто сметаат дека Трамп ќе добие втор мандат, а 41 отсто веруваат дека ќе биде поразен на изборите.

Кај либералите, 47 отсто веруваат дека Трамп ќе биде поразен од евентуалниот кандидат на демократите, а 42 отсто сметаат дека Трамп ќе освои втор мандат.

Но, тоа не значи дека њујорчаните ќе гласаат за Трамп. Според истражувањето, сите шестмина водечки демократски кандидати би го прегазиле Трамп во хипотетички натпревар. Поранешниот трикратен градоначалник на Њујорк, Мајк Блумберг, би го победил Трамп со 25 поени како кандидат на демократите на гласањето во Њујорк ( 58 отсто наспрема 33 отсто) и има најдобар резултат од кандидатите на демократите.

Пит Бутиџиџ и Џо Бајден би го победиле Трамп со 19 поени во Њујорк, Берни Сандерс со18 поени, Ејми Клобучар со 16 поени и Елизабет Ворен со 14 поени.

Според регистрираните гласачи на демократите, на прашањето кој од кандидатите на нивната партија има најдобри шанси да стане претседател, 33 отсто го посочија Блумберг, 22 отсто Сандерс и 16 отсто се за Бајден.

Треба да знаете
Последни објави