Search

Побегнатиот македонски премиер-тест за Виктор Орбан и европската заедничка политика

Побегнатиот македонски премиер-тест за Виктор Орбан и европската заедничка политика

Српската Тв Н1, вечерва во ударниот термин на Тв Дневникот емитуваше прилог за случајот со побегнатиот поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Груевки, ставајќи го акцентот на унгарските власти, кои според оваа телевизија засега купуваат само време со неспоменувањето на името на Никола Груевски.

-Потенцијалната екстрадиција на Груевски, ќе биде тест за унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој често е нарекуван како про-руски елемент во Европската унија, кој не држи многу за единствената европска политика. Унгарските медиуми, под контрола на властите од почетокот на аферата, го опишуваат Груевски како жртва на Џорџ Сорос, што аналитичарите го толкуваат како сигнал за одлуката што ќе биде донесена, наведува Тв Н1, повикувајќи се и на изјавата на унгарскиот новинар Габор Бодис.

– Јас мислам дека овој избор веќе е направен, само што не е јавен. Мислам дека Груевски ќе добие азил, без оглед на обврските што ги има Виктор Орбан кон сојузниците во НАТО и во ЕУ, вели тој.

Таквата одлука унгарските власти тешко може да ја оправдаат пред своите граѓани. – Унгарија е опкружена со бодликава жица од сите страни, а законите за миграција се многу строги. Барањето за азил, вклучувајќи го и политичкиот, може да се поднесе само на транзитните точки, каде што Груевски заедно со другите бегалци ќе треба да чека најмалку една година. Оваа контроверзност е внимателно следена во Европскиот парламент, наведува ТВ Н1, која е регионална телевизија на ЦНН.

-Следното прашање е дали унгарските власти ќе ги почитуваат сопствените правила и ќе го испратат Груевски да побара азил во прифатните центри или ќе го одбие неговото барање, бидејќи тој избегал од за нив „безбедна земја” или ништо од наведеното. Ние ја следиме состојбата”, нагласи Јудит Саргентини, пратеник во  Европскиот парламент.

Дека случајот Груевски ќе биде коска во грлото на владата на Виктор Орбан, покажува и иницијатива на Советот за национална безбедност, чиј претседател е од опозициската партија Јовик, кој веќе најави дека следната недела ќе се расправа за случајот на одбегнатиот балкански премиер.

-Нема сомнение дека ова прашање ќе биде на дневен ред. Прво и најважно прашање е  како осудениот криминалец успеа да влезе во земјата, изјави Адам Миркоцки, претседател на Советот за национална безбедност на Унгарија.

Српската ТВ Н1 се прашува и од каде Груевски влегол во Унгарија, наведувајќи ја шпекулацијата дека рутата на Груевски поминувала низ Србија, но засега нема официјална потврда за оваа верзија, само информацијата од српското МВР дека Никола Груевски нема српско државјанство и пасош, не наведувајќи ништо повеќе од оваа штура информација.

Околу бегството на Груевски во Унгарија вчера и денеска информираат сите српски медиуми, а весникот „Данас” го објави и соопштението на опзициското Движење на слободните граѓании (ПСГ) на Саша Јанковиќ и Граѓанскиот блок 381 кои побараа од Српската напредна партија (СНС) и од српската влада да одговарат која е улога на Белград во бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, оценувајќи притоа дека Србија под власта на СНС станала “безбедна зона” за богатите луѓе кои во своите земји бегаат од правдата.

-Дали (Претседателот на Србија Александар) Вучиќ му помогнал размислувајќи и за себе. Дали незаконски и наредил на разузнавачката служба БИА тајно да го прифати Груевски и да го спроведе преку Србија, затоа што сака да создаде пракса која утре и нему ќе му треба, прашуваат од ПСГ и Граѓански блок 381 во соопштението до јавноста.

Треба да знаете
Последни објави