Search

Платформа за родова еднаквост: Мора да има забрана за вршење на лекарска дејност за гинекологот Асани

Условната казна за струшкиот гинеколог кој со години работел „на црно“ покажува дека здравјето на жените во земјава не вреди ни „пет пари“. Соучесници се сите надлежни институции и Лекарската комора.

Платформата за родова еднаквост е згрозена од пресудата на струшкиот Основен суд со која му се изрекува условна казна на гинекологот Мухамед Асани кој во периодот од 2015 до 2020 година нелегално давал гинеколошки услуги во нерегистрирана ординација во својата куќа. Дополнително, фрапира фактот што Судот со оваа пресуда не изрече и споредна казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, иако таа можност е предвидена со Кривичниот законик.

И покрај наодите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој уште пред две години изврши вонреден надзор на ординацијата, по што и поднесе кривична пријава, и силните реакции на граѓанските организации, Лекарската комора до ден-денес не му ја одзеде лиценцата за работа на гинекологот меѓу чии пациентки е и Јелдз Веапоска. За потсетување, гинекологот Асани нелегално ѝ ја водел бременоста во својата домашна ординација, а при породувањето во струшката болница, заведено во официјалната документација како стандарден оперативен зафат, ѝ извадил матка, бубрег и јајник.

Оттука, со голем револт констатираме дека на ваков начин, и Судот и Лекарската комора застануваат во одбрана на нелегалната здравствена пракса во земјава. Условувајќи го казнувањето на нелегалното работење со чекање да се случи дополнително кривично дело, тие не само што ја одржуваат културата на неказнивност туку и недвосмислено ја поддржуваат системската негрижа за здравјето на жените – наместо лавовски да се борат против неа.

Пристапот до нелегални здравствени услуги секојпат носи огромен ризик по здравјето на луѓето, што го потврдува и случајот со Веапоска за што Асани исто така кривично се товари.

Оттука, Платформата за родова еднаквост бара:

·        Доколку по вака донесената првостепена пресуда се поднесе жалба и предметот е даден на решавање на Второстепен суд, истиот задолжително да изрече дополнителна споредна казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, во најдолгото времетраење превидено во Кривичниот законик;

·        Основното јавно обвинителство да поднесе жалба и да побара построга казна;

·        Доколку вака донесената првостепена пресуда е конечна, во постапката во која гинекологот Мухамед Асани се товари поради тоа што при царскиот рез, на Јелдз Веапоска ѝ извадил три органи, а чие следно рочиште е закажано за 10 март, покрај главната казна, задолжително да биде изречена и споредна казна забрана за вршење на професија, дејност или должност;

·        Лекарската комора да се одважи и по вчерашната пресуда конечно да му ја одземе лиценцата за работа  на гинекологот;

·        Министерството за здравство во соработка со надлежните инспекторати и институции  итно да излезе на терен и проактивно да се вклучи во откривање и стопирање на нелегалните ординации и покренување постапки против лекарите кои работат „на црно.

Здравјето на жените мора да биде врвен приоритет за сите институции и за Лекарската комора: затоа, случаи на нелегални ординации кои се потенцијални „касапници” не смеат да се повторат во иднина! 

Членки на Платформата:

1.      Tiiiit! Inc.

2.      Бори се женски

3.      Женска граѓанска иницијатива АНТИКО

4.      Здружение женски форум

5.      Здружение за еднакви можности Семпер

6.      Здружение за локален рурален развој

7.      Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје

8.      Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска

9.      Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

10.   Здружение за едукативен развој ЕКВАЛИС

11.   Институтот за општествени и хуманистички науки

12.   Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје

13.   ЛезФем

14.   Мрежа за заштита од дискриминација

15.   Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство

16.   Националниот совет за родова рамноправност

17.   Организација на жени на град Скопје (ОЖС)

18.   Организација на жените на општина Свети Николе

19.   Организација на жените “Кумановка“

20.   Реактор – Истражување во акција

21.   Рурална Коалиција

22.   Стела

23.   ТАКТ

24.   Хелсиншки комитет за човекови права

25.   ХЕРА

26.   ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

27.   Хуманитарно Здружение „Мајка“

28.   Центар за истражување и креирање политики (ЦРПМ)

Треба да знаете
Последни објави