Search

Платформата на граѓански организации бара да учествува во подготовката на законот за Јавното обвинителство

Транспарентност во процесот на донесување на новиот закон за Јавното обвинителство, денеска побара од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, кои нагласуваат дека со донесување на овој закон треба да се зајакне институционалниот одговор на коруптивните практики.

-Со оглед на тоа дека граѓанските организации не беа вклучени во работата на работните групи при подготовката на Предлог-законот за јавното обвинителство, бараме Владата да го повлече Предлог-законот и истиот да не се доставува до Собранието. Исто така, доколку со Предлог-законот се пристапи кон присоединување на Специјалното јавно обвинителство кон Јавното обвинителство, а со тоа на каков било начин се загрози мандатот на обвинителката Катица Јанева, бараме постапката за избор на нов прв човек на Специјалното јавно обвинителство која треба да овозможи и повторен избор на обвинителката Јанева, да се спроведе во транспарентна постапка која ќе може да се следи и од заинтересирани граѓани преку електронските медиуми, на начин како што беше и постапката за избор на членови на ДКСК, посочуваат од Платформата во која се вклучени 16 граѓански организации.

Во случај Предлог-законот да биде доставен во Собранието на РСМ, тие бараат претседателот на работната група да организира јавна дискусија преку матичното тело или да спроведе јавна расправа во рамките на матичните комисии во Собранието на која ќе бидат поканети претставници на Платформата и други заинтересирани лица.

Одлуката на седница на Владата, да не бидат вклучени претставници на Платформата и други граѓански организации во подготовката на Законот во процесот на подготовка на предложеното законско решение со кое се уредува статусот на СЈО, изборот на специјален јавен обвинител и на јавни обвинители во ова обвинителство, според невладиниот сектор, отстапува од досегашната практика на добра соработка, воспоставена при изготвување на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и соработката во Законот за судови и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Со новиот Предлог-закон се предвидени нови надлежности на СЈО, а начинот на избор на специјалниот јавен обвинител и неговата одговорност пред Советот за јавни обвинители, од Платформата сметаат дека го изедначува статусот на СЈО со останатите јавни обвинителства и го вклопува во системот на јавното обвинителство на Република Северна Македонија со што, како што велат, се губи првичната автономија на трансформираното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите

Треба да знаете
Последни објави