Search

Пејџ: За Лондон е многу важно Северна Македонија и Албанија да почнат преговори со ЕУ во јуни

Посветеноста на Велика Британија кон Западен Балкан е трајна: таа ќе продолжи и откако ќе ја напуштиме ЕУ, па ќе биде и зајакната, изјави Ендру Пејџ, директор за Западен Балкан во британското Министерство за надворешни работи во интервју за „Јуропиан Вестерн Балкан”.

Како доказ за таа посветеност, како што појасни Пејџ, е и планот за удвојување на бројот на луѓе  во британските амбасади во регионот, а кои работат на прашања поврзани со безбедноста – трговија со дрога, огнено оружје, трговија со луѓе, криминал поврзан со имиграција…

– Исто така, ќе ја зајакнеме соработката со владите и цивилното општество со цел да помогнеме за намалување на корупцијата во регионот и подобрување во областа на владеењето на правото. Воедно, ќе бидат удвоени програмските пари за вложување во регионот, истакна Пејџ.

Што се однесува на евроинтерграциите, британскиот дипломат посочи дека и по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, иако Лондон нема да има столче во Советот на ЕУ, активно ќе го поддржува процесот на проширување.

– Сметаме дека е многу важно за Северна Македонија и Албанија да стасаат до стартната линија и да отворат преговори за пристапување во ЕУ во јуни. Се залагавме за тоа и кога одлуката беше на маса, минатата година во јуни, но беше одложена за една година, делумно поради францускиот пристап.

Тој најави дека Велика Британија и натаму ќе биде многу важен сојузник во рамките на НАТО.

– Воодушевени сме што е постигнат Договорот од Преспа од многу причини, а еден од поважните е пто тоа го отвора патот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Ние се надеваме дека процесот на ратификација ќе биде брзо завршен со цел Северна Македонија да се придружи на Алијансата веќе на Самитот на НАТО во Лондон во декември оваа година.

Треба да знаете
Последни објави