Search

Пецас: Ќе се затворат денешните анархични центри и ќе се изградат нови контролирани затворени центри за мигранти

– Грчката Влада ја забрзува постапката за изградба на затворени контролирани центри на островите погодени од бегалските и мигрантските бранови, одредува конкретни локации за изградба и открива детали за начинот на кој што ќе функционираат, јави дописничката на МИА од Атина.

-Одлука на владата е да се затворат денешните анархични центри и да се изградат нови контролирани затворени центри, соопштува заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас и објаснува дека Министерството за миграција и азил, со одлука на владата, „поради јавниот интерес, е овластено да издаде наредби за искористување на неопходните недвижнини и земјишта за управување со кризи, за справување со исклучиво итната потреба за да се избегне загрозување на јавниот ред и здравје”

Одлуката на владата доаѓа по неодамнешните инциденти на Лезбос и барањето на префектот на островите од северниот дел на Егејското Море да се прогласи вонредна состојба.

Како што пишува во соопштението од Пецас, одредени се конкретни локации за изградба на затворените контролирани центри на островите Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Лерос.

Новите објекти, ќе бидат за конкретна намена и со конкретна функција, односно како што вели портпаролот на грчката влада, „контролирани затворени центри, значи дефинирани и строги правила на внатрешен поредок што се однесуваат и на функционирањето и на движењето на оние кои ќе бидат сместени”.

-Во овие центри, ќе престојуваат, прво новопристигнатите, за олеснување на идентификацијата и процесот на азил, второ, оние кои имаат деликвентно однесување и трето, оние кои немаат право на азил и влегуваат во процедурата за враќање назад. Оние кои ќе престојуваат во контролираните затворени центри, врз основа на внатрешниот правилник, ќе имаат право на излез со картичка на ограничен временски период, додека пак ноќе центрите ќе бидат затворени. Секое прекршување на внатрешниот ред, негативно влијае на барањето за азил и го забрзува процесот на враќање на сторителот, соопштува портпаролот на грчката влада.

Пецас уште еднаш ги повторува четирите точки на владиниот план, односно чување на границите, забрзување на процедурите за азил, зголемен број враќања и затворени центри, а паралелно и празнење на островите, како и интернационализирање на проблемот.

Треба да знаете
Последни објави