Search

Пецас: Остануваме дома во април за во мај да можеме се радуваме на првите резултати

Останувајќи дома во април, во наши раце е, во мај да се радуваме на првите резултати од нашата одговорна позиција, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен видеоконференциски брифинг со новинарите, истакнувајќи дека земјата овие денови влегува во најклучната фаза од „необјавената војна што ја отвори пандемијата во целиот свет”, јави дописничката на МИА од Атина.

-Да го обезбедиме она што го постигнавме. Ако се опуштиме, ќе платиме. И ова ќе биде неправедно за големите напори што ги направивме сите. Затоа и се продолжени до 27 април мерките за ограничување на движењето, рече Пецас.

Истакна дека текот на Грција е подобар во споредба со многу други европски земји и уште еднаш повтори дека април ќе биде најтежок и најкритичен месец.

Во тој контекст направи споредба на Грција со Белгија, Холандија и Португалија и развојот на епидемијата, како во однос на потврдените, така и во однос на смртните случаи во периодот од 26 февруари 2020 година, заклучно до вчера. Според графиконите што ги презентираше Пецас на брифингот, Белгија со 11,04 милиони жители има 19.691 потврдени и 1.447 смртни случаи, Холандија, со 17,18 милиони жители има 17.851 потврден случај и 1.776 жртви, Португалија со 10,3 милиони жители има 11.278 заразени лица и 295 починати, додека пак Грција со 10,8 милиони жители има 1.735 позитивни лица на Ковид-19 и 73 жртви.

Во однос на Велигден, Пецас рече дека владата го разгледува предлогот на Светиот синод на ГПЦ, литургиите да бидат зад затворени врати за граѓаните и истакна дека она што во овој момент е доста сложено за владата и на кое што се работи е носењето на Светиот оган од Израел и пренесувањето низ цела Грција.

Говорејќи за справувањето со последиците врз економијата, Пецас потсети дека веќе се преземени пакет мерки од 6,8 милијарди евра, што претставува 3,5 отсто од БДП.

Треба да знаете
Последни објави