Search

Пецас: Италија и Грција со заедничка позиција за ЕУ перспективата на Западен Балкан

Италија и Грција имаат заедничка позиција за европската перспектива на Западен Балкан, а во следниот период ќе постојат и иницијативи, рече заменик министерот под премиерот на Грција и владин портпарол Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина дали на вчерашната средба во Рим на премиерите на Италија и Грција, Џузепе Конте и Кирјакос Мицотакис, станало збор за конкретни чекори и иницијативи, со оглед на тоа дека двете земји ја поддржуваат европоската перспектива на земјите од регионот.

– Навистина беше потврдена заедничката позиција на двете земји за зајакнување на улогата и на двете земји и придвижување напред на европската перспектива на Западен Балкан. Ова се очекува да се развие во следниот период со иницијативи на двете земји, почнувајќи од средбите што ќе се случат на следниот Европски совет на 12 и 13 декември. Генерално, како што знаете, постои оптимизам, бидејќи штом можеше на претходниот Европски совет во заклучоците да биде споменато дека овој процес продолжува и останува жив, дека ќе можеме, навистина да имаме нешто опипливо како што се приближуваме до Европскиот совет на пролет, рече Пецас.

Грчкиот премиер по средбата со неговиот италијански колега вчера во Рим, рече дека разговарале за случувањата на Западен Балкан и за европската перспектива „која Грција сака да ја задржи активна” и додаде дека компасот за Грција е „заинтересираните земји да ги почитуваат обврските што ги презеле”.

Треба да знаете
Последни објави