Search

Пецас: За Велигден остануваме дома, да го „испечеме на ражен” коронависрусот

Наместо традиционалното печење јагне на ражен, портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас ги повика граѓаните, оваа година, за Велигден да останат дома и да „го испечат на ражен коронавирусот”, јави дописничката на МИА од Атина. На денешниот редовен брифинг со новинарите и странските дописници, преку видеоконференција, Пецас уште еднаш повтори дека оваа година Велигден ќе биде поразличен

-Нема да одиме во нашите села, нема да печеме во нашите дворови, нема да одиме во црква. Ќе славиме останувајќи дома и со верба дека ќе успееме. Оваа година, ајде да испечеме на ражен коронавирусот, останувајќи дома. Имаме денови и години да славиме, порача портпаролот на грчката Влада.

Истакна дека во случај да има масовен обид за патување и прекршување на мерките за забрана на движењето во периодот околу Велигден, тогаш владата ќе ги разгледа кои опциите што ги имаме на располагање и ќе направиме сѐ што треба за да го спречиме тоа.

Во однос на одлуката на Светиот синод на Грчката Православна црква, литургиите да се одржат зад затворени врати, Пецас рече дека овој предлог, Владата ќе го разгледа во текот на следната седмица, во зависност од развојот на најновите епидемиолошки настани.

Одговарајќи на новинарско прашање за планот на владата во пресрет на туристичката сезона, Пецас објасни дека сѐ ќе зависи од ситуацијата со коронавирусот и позицијата на владата ќе се разгледа одново кон крајот на април или почетокот на мај.

-Ако се надмине релативно брзо, тогаш туристичката сезона која кулминира во третото тромесечје од годината, нема да има толку големи загуби. Но, ако коронавирусот продолжи сериозни да му се заканува на здравствениот систем, не само на Грција, туку и на останатите земји –членки на Европската земја, или на други земји од кои доаѓаат туристи во нашата земја, тогаш одново ќе ја испланираме нашата позиција. Во овој момент преземени се предвидените мерки на ограничување, одложена е работата на туристичките објекти на одреден временски период и подоцна кон крајот на април и почетокот на мај ќе ја разгледаме нашата позиција во однос на туристичките бранови во следните месеци, објасни Пецас.

Треба да знаете
Последни објави