Search

Петров: Јас одлучив! Сакам да живеам во земја во која ќерка ми ќе ја гледа својата иднина и ќе ги исполнува своите соништа

Пред точно десет години, по 12-годишно живеење во странство, заедно со сопругата, и тогаш шестмесечната ќерка, ги спакувавме куферите и одлучивме да се вратиме назад во Македонија. Во тој момент, тоа беше можеби една од најтешките одлуки во мојот живот. Како многумина од вас, уште од најмали години сонував да се иселам од Македонија. За мене ова беше земја на пропаднати соништа, на несреќни луѓе, на политичари без визија. А можеби и не ни знаев поинаку! Баба ми и дедо ми цел живот го поминаа во туѓина, исто како и моите вујковци. Кога имав седум години и татко ми замина во странство за да обезбеди подобар живот за нас. На 16 години и јас го направив истото а три години подоцна ми се придружи и мојата сестра.
Процесот на навикнување на македонската реалност по 12 години живеење во странство, беше тежок, но како и многупати во животот, откажувањето никогаш не беше опција. Во овие 10 години заедно со неверојатен тим на луѓе, создадовме компанија која успешно се позиционира во над 40 земја во светот. Да, кризата со коронавирусот ја промени нашата реалност и нашите планови, но повторно ќе кажам, нема откажување!

https://www.facebook.com/kosta.petrov.313/posts/10156972628692041

Влегов во политиката, со една јасна цел – промена! Знаев дека ќе има луѓе што ќе коментираат сѐ и сешто, ќе измислуваат лаги, ќе креираат некои лоши филмови за мене, ама нема врска, желбата за промена е многу поголема од тоа што ќе кажат друите. А зар и би дозволиле мислењето на другите да го дефинира вашиот животен пат? Се разбира дека не.
Во оваа нецела година, ги научив некои од можеби најтешките но и најважните животни лекции. Имаше мали моменти на криза, кога гласот во глава ти вели, не е ова за тебе, си имаш супер живот, што ти треба политика? Но имаше и еден друг глас – оној што ти дава сила. Гласот на промената, гласот на вербата, гласот дека без разлика на тоа што се случувало, оваа земја, оваа народ, имаат шанса за успех, за среќа, за просперитет. И најважно од сѐ, дека промената, онаква каква што ја сакаме, онаква каква што ја заслужуваме, во сите сфери на општеството, е возможна и конечно е на наш дофат.
Во животот никој не успеал во ништо сам. Ако научив нешто во овие 36 години е дека за успех, најважно е да се опкружиш со вистинските луѓе. Да учиш од нив, да учиш со нив, да ги поддржуваш, да те поддржуваат, да се бодрите, па и да се искарате, да си ги признаете грешките и да ги траснформирате во научени лекции.
Во СДСМ, сретнав и опкружен сум со такви луѓе. Луѓе кои имаат визија, луѓето кои учат од сопствените грешки, луѓе кои покажуваат дека во политиката возможни се вистински и суштински промени. Луѓе кои покажуваат дека сите политичари не се исти. Знам дека заедно со нив, чекор по чекор, со храбри и вистински одлуки, после 30 години талкање, конечно сме на вистинскиот пат, оној пат за кој сите потајно во себе мечтаеме – за земја во која сакаме да останеме да живееме, за земја во која сите имаат еднакви шанси за успех, за земја со која вистински, секојдневно, сите ние се гордееме.
Оваа среда, секој од нас, со својот глас, одлучува во каква земја сака да живее.
Јас одлучив! Сакам да живеам во земја во која ќерка ми ќе ја гледа својата иднина и ќе ги исполнува своите соништа. Земја во која нејзиниот труд ќе се цени, земја која ќе ги поддржува нејзините амбиции и земја во која ќе биде еднаква со сите. Немам веќе сила за еуофирични пречеци и тажни разделби по аеродроми. Доста беше за еден живот.
Ајде сите заеднички да си ја направиме Македонија таква каква што навистина сакаме да биде.
Знам дека МОЖЕМЕ!

Треба да знаете
Последни објави