Search

Петров: Со добра политичка волја и едукација може да ги видиме здравствениот, но и економскиот аспект од декриминализирањето и легализирањето на канабисот

Потпретседателот на СДСМ Коста Петров учествуваше на првиот Македонски канабис форум, во организација на граѓанската организација Билка, која се залага за декриминализација и легализација на канабисот.

– Овој форум е доказ нашето општество се менува, се демократизира, претставици на политички партии зборуваат за тема, која за многумина е табу. Дискусијата е првиот чекор, да седнеме да разговараме, да споделиме идеи, да ги видиме вашите барања, да го разгледаме правниот систем, да ја дефинираме рамката по која ќе работиме, во кој правец ќе се движиме, рече Петров.

СДСМ, додаде тој, е модерна еввропска партија, ги следиме трендовите ги демократските процеси и истакна дека особено важно на оваа тема е едукација и демистификација и ние заеднички да работиме на едукацијата, од здравствен, човечки и економски аспект.

– Од здравствен аспект канабисот во многу држави се користи во здравствени цели, втора работа е човечки аспект, многумина се маргинализирани, осудени, не можат да извадат потврда за неосудуваност поради мала количина канабис и тоа треба да го промениме, рече Петров.

Во врска со економскиот аспект, потпретседателот Петров истакна дека легализирањето и декриминализацијата на канабисот, носи економски бенефити, кои никој не може да ги порече, наведувајќи ја како пример Канада, каде легализацијата на канабисот во првата година донесе приход од 8,4 милијарди во БДП, вработени 10 илјади луѓе и го намали црниот пазар.

– Ова е процес што ќе трае, ова не е процес што ќе може преку ноќ да се смени, но со добра организираност, со добра политичка волја и фокус на едукација мислам дека можеме како општество да ги видиме и здравствениот аспект, но и економскиот аспект од легализирањето на канабисот, порача потпретседателот на СДСМ Коста Петров.

Треба да знаете
Последни објави