Search

Петнаесетти состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија

Советот за стабилизација и асоцијација денеска во Брисел на петнаесеттиот состанок помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија ги поздрави значајните чекори што ги презема Владата за унапредување на реформите поврзани со ЕУ, на транспарентен и инклузивен начин, како и позитивните промени во општата атмосфера во земјата.

Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), потсетуваат од Советот, дека останува во сржта на односите меѓу ЕУ и Република Северна Македонија сѐ додека земјата не влезе во ЕУ.

-Советот за стабилизација и асоцијација ја зеде предвид главната цел на земјата да отпочне преговори за пристапување и ја потврди силната посветеност на новата Влада кон оваа цел. Советот за стабилизација и асоцијација го поздрави фактот дека Европскиот совет го утврди патот кон отворање на преговорите за пристапување во јуни 2019 врз основа на континуиран напредок и опипливи резултати, со одржување и продлабочување на сегашната реформска динамика. Советот за стабилизација и асоцијација ја зеде предвид намерата на Комисијата и Владата да ја започнат неопходната подготвителна работа, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Во врска со добрососедските односи, Советот силно го поздрави и поддржа договорот меѓу Атина и Скопје за прашањето за името и за воспоставување  стратешко партнерство.

Во однос на политичките критериуми, Советот, потврдувајќи ги досегашните достигнувања ја охрабри земјата да ги продолжи своите напори во текот на следните месеци за да продолжи со законодавните мерки и да го зајакне спроведувањето на реформите, особено во областите што ги утврди Советот во јуни 2018 година, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформата на разузнавачките служби и јавната администрација.

Во врска со владеење на правото, Советот потврди дека се усвоени законски измени за да се одговори на „Итните реформски приоритети”, препораките на Венецијанската комисија и оние на Високата експертска група за системски прашања за владеењето на правото, што имаа за цел позитивно да влијаат врз независноста на судството.

-Ја истакна важноста на одржливо решение за идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, што е во согласност со Стратегијата за реформа на судството. Потсети на важноста за одговорност за нападот врз Собранието од 27 април 2017. Го поздрави и напредокот направен во измена и правната рамка за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Ги поздрави итните чекори преземени за спроведување на новиот закон и фактот дека новата Државна комисија за спречување на корупцијата била именувана на ефикасен, инклузивен и транспарентен начин. Ја охрабри државата понатаму да ги засили проактивните истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и тие на високо ниво, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Советот го поздрави спроведувањето на реформата на следењето на комуникациите со ефективно воспоставување на Оперативната техничка агенција и започнување на работата поврзана со реформа на разузнавачките служби и ја охрабри Владата понатаму да ги интензивира овие реформи во соработка со НАТО и со стратешките партнери.

Во врска со реформата на јавната администрација, Советот ја зеде предвид тековната имплементација на Стратегијата за реформата на јавната администрација и Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии и повтори дека секое вработување, назначување или разрешување мора да ги почитува принципите на јавната администрација која е деполитизирана и заснована на заслуги, на транспарентност и правична застапеност, во согласност со духот и писмото на релевантното законодавство за работни места во државната служба.

Во врска со односите меѓу заедниците, Советот оцени дека, во целина, ситуацијата продолжува да биде мирна, повторувајќи дека Охридскиот рамковен договор и понатаму е суштински елемент за демократијата и стабилноста во земјата, како дел од нејзиниот уставен поредок.

Советот оддаде признание за континуираните напори на Република Северна Македонија и конструктивната соработка во решавањето на прашањето за нерегуларната миграција и ја охрабри земјата да го одржи својот ангажман во оваа област.

Во врска со економските случувања, Советот се осврна на таргетираните политички насоки договорени во мај 2018 година помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција за Програмите за економски реформи и ја охрабри Владата понатаму да ја зајакне нивната имплементација и нивно доследно следење.

Советот ја истакна важноста на националните власти да продолжат да ги применуваат препораките на Европскиот суд на ревизори и потребата националните власти да ги зголемат своите напори за ширење на најдобрите практики во спроведувањето на претпристапната помош од ЕУ низ целата јавна администрација.

Неодамнешниот премин во втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација беше исто така поздравен.

Со состанокот претседаваше премиерот Зоран Заев, кој ја предводеше делегацијата на Република Северна Македонија. Замениците на премиерот, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров, исто така присуствуваа на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација. Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика/потпретседател на Комисијата, Федерика Могерини, ја предводеше делегацијата на ЕУ додека комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан ја претставуваше Европската комисија.

Треба да знаете
Последни објави