Search

Пентагон одобри средства за изградба на ѕидот на границата со Мексико

Вршителот должност министер за одбрана на САД Патрик Шенахан ги овласти Воените инженерски единици да почнат со планирање и изградба на околу 92 километри долгата ограда, висока 5,5 метри, долж границата со Мексико. Оградата ќе биде поставена во Јума, во сојузната држава Аризона и во Ел Пасо, Тексас.

Pентагон информира дека ќе пренасочи околу милијарда долари за поддршка на Министерството за внатрешна безбедност и Федералната агенција за царина и заштита на границата. Средствата, освен за ѕидот, кој е по барање на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе бидат искористени и за поставување осветлување и изградба на патишта во тоа подрачје. Целта е да се спречи криумчарење на дрога во тоа подрачје.

Проектот е опишан како „ограда”, а не „ѕид”. Изграда на ѕид на американско-мексиканската граница беше клучно предизборно ветување на републиканскиот претседател Трамп, на изборите одржани во 2016 година. Демократите силно се противат на изградбата на таков ѕид.

После повеќенеделни расправии околу буџетот меѓу републиканците и демократите, во февруари беше постигнат компромис, според кој на Трамп ќе му бидат доделени 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот – многу помалку од што тој бараше. Поради тоа, Трамп минатиот месец прогласи вонредна состојба, што му овозможува да земе средства од буџетот на Пентагон и да ги искористи за изградба на ѕидот. На 15 март Трамп го надгласа обидот на Конгресот за укинување на вонредната состојба и првпат во својот мандат го искористи правото на вето.

Сега демократите се надеваат дека ќе соберат доволно гласови за да го надвладеат ветото на Трамп, но не се очекува дека ќе го обезбедат неопходното двотретинско мнозинство. Дури и ако успеат, за поништување на ветото ќе им треба и двотретинско мнозинство во Сенатот, каде републиканците имаат мнозинство

Треба да знаете
Последни објави