Search

Пензиските фондови обезбедуваат најдобар принос на заштедените пари на идните пензионери

Минатата година двете друштва кои работea во рамките на вториот- задолжителен пензиски столб, на средствата кои се издвоија од членовите кои се дел од задолжителните пензиски фондови остварија просечен седумгодишен принос во номинален износ од 5,97%. Кај доброволните фондови, во кои средства се издвојуваат на доброволна основа за да се обезбеди посигурна старост, просечниот принос во номинален износ бил 5,81%, Остварените  приноси во фондовите и од вториот и од третиот пензиски столб се значително поголеми од она што граѓаните би го „заработиле“ доколку парите ги издвојуваа на банкарска сметка, бидејќи банкарските камати последниве години се во постојан пад.

Според последните податоци од Народна банка на РСМ, во јуни просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесувала 1,41 отсто. Односно, во делот на домаќинствата изнесувала 1,38%. Притоа и вкупната просечна камата и онаа кај домаќинствата има пад на годишна основа, односно во однос на истиот период лани.

Каматите на депозитите, ако се земат во предвид движењата на глобално финансиско ниво, веројатно и натаму ќе имаат пад. Во многу развиени земји, како на пример во Германија, во некои банки веќе не се ни исплаќа камата на заштедите, туку се наплаќа надоместок за чување на парите за граѓаните.

Токму затоа, штедењето за посигурна старост во секој случај е најисплатливо доколку се прави во некои од пензиските друштва кои се дел од капитално финансираното пензиско осигурување. Од причина што овие средства се инвестираат во диверзифицирани инструменти кои обезбедуваат поголем принос. Притоа, постои ограничување на инструментите во кои може да се инвестира за да се заштитат средствата на идните пензионери од ризични инвестиции.

Инвестирањето на средствата се врши во согласност со строги законски правила и други прописи од областа на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и во согласност со инвестициската стратегија и инвестициската тактика на фондовите, со цел остварување на највисок принос, единствено, во полза на членовите и пензионираните членови. Средствата со кои управуваат фондовите се инвестираат под постојан надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

Со законските ограничувања инаку, се определува колкав максимален процент од вкупните средства на пензискиот фонд ќе бидат распределени во одредени класи на инструменти, поединечни издавачи или по земји. Со овие ограничувања се дефинира и квалитетот на инструментите во кои се инвестира и тоа преку кредитниот рејтинг на издавачот, пазарната капитализација и адекватноста на капиталот.

Притоа, законски се забрануваат инвестиции во акции, обврзници и други хартии од вредност кои не котираат или со кои јавно не се тргува, инструменти со кои не може правно да се располага, инструменти кои не можат веднаш да бидат проценети, повеќето форми на имот кои не можат веднаш да бидат проценети и ставки од несигурна вредност, на пример антиквитети или уметнички дела.

„Минатата година средствата со кои управува КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд беа инвестирани 71,13 отсто во домашни инструменти (63,67 отсто државни обврзници, 5,39 отсто депозити и 2,07 отсто акции на домашни компании), а 27,18% во странски инструмени – во акции и уддели во странски инвестициски фондови преку кои и нашите членови практично имаат сопственост во Амазон, БМВ, Самсунг, ИБМ, Сименс, Нестле и многу други познати светски компании. Портфолиото на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд вклучуваше 54,53% државни обврзници, 10,97 отсто депозити во домашни банки и 3,82 посто акции на домашни компании. Останатите средства се вложија во светски инвестициски фондови“, вели Весна Стојановска, Претседател на УО на КБ Прво Пензиско друштво.

Таа додава дека стратегијата на друштвото е средствата со кои управува пензискиот фонд да се инвестираат со цел обезбедување на сигурност на средствата, диверзификација од инвестициските ризици како и одржување на адекватно ниво на ликвидност. Од МАПАС инаку во годишниот извештај имаат нотирано дека, со оглед на тоа што средствата на пензиските фондови се во постојан раст,  ваквото нивно зголемување дава можност во иднина за излез на поголем број пазари на капитал и во поголем обем, бидејќи домашниот пазар станува мал во однос на потребите за инвестирање на средствата на фондовите.

 

 

Треба да знаете
Последни објави