Search

Пензиониран припадник на „фоките“ ги тужи секретарот на морнарицата и новинар на „Њујорк тајмс“

Пензионираниот припадник на американските морнарички „фоки“, Еди Галагер, поднесе  тужба против секретарот на морнарицата, Кенет Брајтвајт, и известувачот на „Њујорк тајмс“, Дејвид Филипс, под обвинение дека објавиле негови лични документи во весникот во обид да извршат притисок врз него, пренесува „Спутник“.

„Нашето семејство поднесе повеќе барања за истраги за да ѝ овозможи на морнарицата да спроведе своја внатрешна ревизија, но и покрај добро документираната корупција, операцијата за шпионажа која вклучува обвинител, манипулации со медиумите и други груби етички прекршувања, морнарицата одби да се смета за одговорна“ , се вели во изјавата на фондацијата „Пајп хитер“, непрофитна организација основана од Галагер и неговата сопруга за правна поддршка на ветерани.

Според тужбата, Филипс, наводно, добил 500 страници доверливи документи од кривичната истрага на морнарицата. Галагер исто така го обвини новинарот за измислување детали и давање лажни или погрешни изјави во своите извештаи за да му наштети на угледот.

Галагер, кој беше „фока“ 15 години, претходно беше прогласен невин за прободување до смрт на еден заробен тинејџер, борец на Исламска држава, пукање кон невооружени ирачки цивили и други кривични дела во контроверзниот процес.

За време на судењето, еден од сведоците – „фоката“ од морнарицата на САД, Кори Скот- призна дека тој самиот го задушил заробеникот до смрт. Галагер беше осуден за позирање со труп.

„Њујорк тајмс“ сепак ги отфрли тврдењата бидејќи потпретседателот за комуникации, Даниел Роудс-Ха рече дека Филипс го направил она што би требало да го прави секој добар новинар, додавајќи дека тужбата на Галагер е полна со теории на заговор.

Треба да знаете
Последни објави