Search

Пензионерите и старите лица со најмногу предизвици со коронавирус-состојбата

Голем дел пензионери се соочуваат со повеќе предизивици поради коронавирусот – како да го сочуваат здравјето, да обезбедат медицинска нега за хроничните болести, да земат пензија, да се снабдат со јадење и лекови. Вака ја објаснува состојбата Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери од Тетово, како деновиве се справуваат нивните членови со ситуацијата, а особено со метежите пред банките, каде што се чека ред за земање пензии.

– Буквално ги молиме пензионерите да се придружуваат до препораките за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот на Министерството за здравство и Светската здравствена организација. Бидејќи како најризични за заразување и заболување се и најопасни за ширење на болеста, вели Мемети.

Сепак, тој вели дека проблемот со собирањето луѓе пред банките има и втора страна – бара воведување поголем ред од надлежните институции, но и самите банки, бидејќи не се проблематични сите пензионери, туку дека има и други луѓе кои придонесуваат за тоа.

– На републичко ниво е побарано од раководството на Сојузот на пензионери да има носење на пензиите до дома. Јас лично предлагам сега засега полицајци и вработените од обезбедување да одржуваат ред и да нема метеж пред банките и поштата, вели Мемети.

На нивниот објект стои известување дека клубот и Здружението сега не работат и се молат пензионерите да контактираат телефонски за секоја потреба.

– Сите активности во согласност со ограничувањето на движењето се прекинати. Мораме дури и здравствените прегледи за ехо што ги имавме да се стопираат. Нормално нема да има средби и ревијални натпревари. Претседателите на ограноците комуницираат со сите членови преку телефон. Настојуваме да им помогнеме што повеќе, ако има некој да има потреба да му се купи итно нешто од дуќан или аптека. Имаме дузина пензионери кои имаат под 67 години и можат да се движат, па тие се волонтери кои помагаат во оваа ситуација, објаснува Мемети.

Деновиве од Здружението биле позитивно изненадени и од младите членови на две политички партии, кои, исто така им помогнале на нивни членови со носење пакети со храна и хигиенски производи.
– Моментно во пензионерскиот дом во соба престојува само една жена. За неа беше пакетот, а други пензионери дома добија помош од младите на партиите. Исто така и Општина Тетово ни додели 250 заштитни маски, рече Мемети.

Тие упатиле барања до сите локални самоуправи да пратат помош бидејќи голем дел пензионери имаат разни потреби. Тетовското здружение брои 13 илјади пензионери.

– Прво има пензионери со ниски примања, одвај им стигаат за храна и лекови. Потоа имаме луѓе со тешки болести, изнемоштени и со оперативни зафати, кои имаат потреба од разни препарати, лекови и слично, потенцира Мемети.

Канцеларијата на Здружението на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија во Тетово пак не ни работи. Претседателот Гидо Бојчески објаснува дека сите нивни членови се во најризичната група луѓе и по возрасна граница, но и поради хронични болести или, пак, инвалидност и спреченост за движење.

– Додека трае вонредната состојба имаат сите броеви и ако имаат итна потреба може да нè побараат. Ние имаме фонд за помош за оние што се социјално најзагрозени, што ја доделуваме секоја година во август. Сега тоа се надеваме ќе го направиме побргу, исто така со надеж дека бргу ќе заврши вонредната состојба, изјави Бојчески.

Преку ова здружение членовите имаат можност да набават и дрва за огрев. Во Тетовско се бројат околу 24 000 инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија.

 

Треба да знаете
Последни објави