Search

Пендаровски ја побара довербата од стружани и повика на масовна излезност в недела

Општина Струга е држава во мало. Има долга традиција на различни вери и етнички заедници, но соживотот секогаш бил по мерка. Вака ја замислувам и нашата земја, како едно општество за сите, држава интегрирана во Европската унија и НАТО, истакна претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски на вечерашната дебата пред стружани.

Барајќи ја довербата од граѓаните на 21 април да дадат поддрша за него, Пендаровски нагласи дека тоа ќе биде и силна поддршка за концептот што обезбедува едно општество за сите.

– Да се сплотиме околу концептот што води напред и обезбедува иднина во едно општество за сите, во држава интегрирана во ЕУ и НАТО. Два дена пред пред гласањето, ви велам дека јас ја замислувам нашата земја како едно општество за сите, држава интегрирана во ЕУ и НАТО, рече Пендаровски.

Со гласот за Пендаровски, нагласи дека граѓаните ќе гласаат за потврда на реформите, развојот, на напредокот во евроинтеграциите што обезбедува повеќе странски инвестиции, нови работни места, повисок животен стандард за сите граѓани.

– Македонија сега е безбедна и стабилна држава, а вратите кон ЕУ и НАТО се отворени. Другата опција не нуди ништо, и единствено што сака е само да дојде на власт, за повторно да ја врати државата во темното минато на изолација и поделби, нагласи кандидатот за претседател на владејачките СДСМ и ДУИ.

Пендаровски повика на масовна излезност на 21 април и силна поддршка за концептот што води напред.

– Масовно да гласаме за број три, да продолжиме сите заедно напред за мултиетничка, демократска и богата држава, повика Пендаровски.

Претходно претседателскиот кандидат Пендаровски имаше трибини и со жителите на Вевчани и Лабуништа. Ги повика и тамошните жители да излезат в недела и својот глас да го дадат за него, бидејќи со тоа, како што рече, ќе гласаат за напредок, сигурна иднина за младите и заеднички живот во европска и напредна земја.

Треба да знаете
Последни објави