Search

Пендаровски утре ќе му врачи мандат за состав на нова Влада на Заев

Претседателот Стево Пендаровски утре напладне мандатот за состав на новата Влада ќе му го довери на лидерот на СДСМ и пратеник во Собранието, Зоран Заев, соопшти Кабинет на шефот на државата.

-Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме”, којашто има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

На изјавите дадени пред неколку дена од претседателот на Собранието во  заминување Талат Џафери и пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска дека Собранието сè уште не е конституирано, Кабинетот на Претседателот одговори дека во консултација со експерти од оваа област, заклучиле дека за Собранието да се смета конституирано, потребно е само верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор.

Од Кабинетот на Претседателот велат дека тоа го потврдуваат практиките во претходните години, кога различни партии беа на власт, поточно дописите од страна на поранешните претседатели Трајко Велјановски во 2016 година и од Стојан Андов во 2006 година.

Сепак, партиите сè уште молчат за неофицијалните информации дека преговорите меѓу СДСМ и ДУИ се стопирани за прашањето на премиер Албанец. Од СДСМ велат дека разговорите продолжуваат и има време до петок да се постигне договор, а од ДУИ не даваат информации. Партиите молчат за неофицијалните информации дека СДСМ и ДУИ се далеку од постигнување договор. АЛСАТ од свои извори дозна дека преговорите запнале за прашањето на премиер и формулата за него, дека првата година од мандатот премиерот да биде од ДУИ, а другите три години од СДСМ. Исто така, на маса е и предлогот, додека премиерот е од редовите на ДУИ, претседател на Собранието да биде од  СДСМ и кога СДСМ го има премиерот, ДУИ да има претседател на Собранието. Овие барања на ДУИ се неприфатливи за СДСМ и тоа ги натера партиите да не напредуваат во преговорите ниту за поделба на министерствата и другите ресори.

Треба да знаете
Последни објави