Search

Пендаровски се сретна со претставници на Сојуз на здруженија на дијабетичари

Претседателот Стево Пендаровски, во пресрет на Светскиот ден за борба против дијабетесот – 14 ноември, денеска прими претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија – СЗДСМ.

На средбата, соговорниците разговараа за тековните активности на 25-те здруженија кои ги обединува Сојузот, а коишто се насочени кон подобрување на квалитетот на животот на лицата со дијабетес. Претставниците на Сојузот потенцираа дека изминативе месеци се соочуваат со недостиг на ленти и на апарати за мерење на шеќерот во крвта, како и недостиг на анти – дијабетна терапија. Истовремено, соговорниците на средбата посочија дека е неопходно во целост да се смени начинот на набавка на инсулин и да се напушти системот на тендерски постапки.

Во оваа насока, претседателот Пендаровски изрази поддршка за нивното барање да се воведе референтна цена за набавка на глукомери и ленти за мерење на шеќер, како и да им се рефундираат трошоците за новата анти-дијабетна терапија.

Посочувајќи дека од година в година бројот на заболени од дијабетес во земјава континуирано расте, претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари истакнаа дека неопходна е и соодветна едукација и подигнување на јавната свест, бидејќи како последица на нерегулиран шеќер во крвта, зголемен е бројот и на мозочни удари.

Треба да знаете
Последни објави