Search

Пендаровски се сретна со претставници на Здружението на џез музичари и слободни уметници

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претставници на Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ, Скопје, кои информирајќи го за актуелните предизвици со коишто се соочуваат, ја истакнале важноста од соодветна вклученост на компетентни лица во одлучувачките процеси во областа на џез културата.

– Од Здружението ја нагласија неопходноста од институционализација и обезбедување простор за работа на ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот, од вклучување на нивни членови во процесот на распределба на средствата за финансирање на проекти од областа на џез музиката, коишто се од национален интерес, како и потребата од ревидирање на работата на двете џез академии кои функционираат во рамки на Универзитетите во Скопје и во Штип, за поуспешно реализирање на главната цел – подигнување на џез културата во земјава, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Оттаму инфомираа дека, осврнувајќи се на предизвиците произлезени од Ковид-19, претседателот Пендаровски нагласил дека културата беше значително погодена од пандемијата.

– И покрај предизвиците, претседателот го нагласи исклучително значајниот придонес на Здружението на џез музичари и слободни уметници во афирмацијата на џез културата во земјава и во странство, охрабрувајќи ги заложбите за споделување на нивните искуства, како и за подобрување на условите за изведба и создавање на квалитетна музика, како траен белег и еден од фундаментите на секое општество, посочија од Кабинетот.

Здружението е основано во 2016 година и во него членуваат дел од најреномираните џез музичари од земјава, студенти и професори на џез академиите во Скопје и во Штип како и слободни уметници. Се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, организира џез фестивали и соработува со меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.

Треба да знаете
Последни објави