Search

Пендаровски: Само со влез во ЕУ младите луѓе ќе бидат конкурентни и ќе имаат просперитет

Трендовите на иселување на младите нема да се намалат ако останеме во изолација. Само со влез во ЕУ и НАТО, на големиот европски пазар, младите луѓе ќе бидат конкурентни и просперитетни, рече на денешната средба со граѓаните на Крива Паланка кандидатот за претседател на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски.
Според него, никој повеќе не гласа за политичари кои говорат за историја, а народот сака да гледа во иднината.
– Новата власт во изминатите година и пол се ангажира да стави крај на мрачниот транзициски период од 30-тина години, од кои најмрачни беа последните десет, кога луѓето беа или блиски до „фамилијата” или граѓани од последен ред. Ние поставивме принцип на еднакво општество за сите, судството е ослободено од политички притисоци, нема телевизиски пропаганди по цел ден, направен е огромен скок на полето на човековите права и слободи. Направивме и огромен чекор во решавање на проблемите со соседите, на што ниту една политичка гарнитура не се нафаќаше поради својот рејтинг. Оваа постава, конечно реши да не води сметка за тоа колку пратеници ќе значи тоа, напротив, ја презема одговорноста и го заврши Рамковниот договор, правејќи слога внатре во државата. Ги отвори ширум портите за НАТО интеграција, со што го осигура интегритетот на ова парче земја и за два месеца очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ што ќе донесе многу фондови за инфраструктура, земјоделство, здравство, се што гарантира економски развој, рече Пендаровски.
Според него, досегашниот период беше, како што рече, период на интеграција, додека оваа година и наредните се прогласени за време на економски развој.
– Со гласот за број три гласате за економски развој и просперитет, а гласот за Сиљаноска значи глас за трет мандат на Иванов. Гласот за Мицковски значи глас за Груевски, зашто луѓето се сменети, но политиките се исти. Како што ве гледам во голем број денес, очекувам уште поголема поддршка на 21 овој месец и на 5 мај на вториот изборен круг. Очекувам да бидеме реални победници и заедно да ја видиме државата напред, порача Пендаровски.
По средбата со Кривопаланчани, Пендаровски продолжи на централниот митинг во Куманово.
Треба да знаете
Последни објави