Search

Пендаровски- Пахор: Споделуваме заедничка сегашност како сојузници во НАТО, а ќе имаме и заедничка иднина како дел од ЕУ

Денеска во претседателскиот кабинет во „Вила Водно”, претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, со што започна неговата официјална дводневна посета на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателот Пахор, се одржа и пленарен состанок на македонската и словенечката официјална делегација, како и заедничка прес конференција.

Почитуван претседателе Пахор,

Почитувани членови на државната делегација на Република Словенија,

Почитувани претставници на медиумите,

Ми претставува особена чест и задоволство што денеска сум домаќин на мојот почитуван колега, претседателот на Република Словенија Борут Пахор.

Посетата е значајна од повеќе аспекти. Претседателот на Словенија е прв државник кој ја посетува нашата држава во време на пандемија со корона-вирусот со што се докажува стратешкото пријателство и традиционалната блискост меѓу двете држави.

Во составот на државната делегација на пријателска Словенија се и двајцата заменици претседатели на владата и истовремено министри за одбрана и за економија. Со тоа се зајакнува билатералниот дијалог и се отвораат можности за нови форми на соработка во овие две важни, клучни области.

Словенија е наша сојузничка во НАТО, а помошта во спроведувањето на реформите во одбраната, како и соработката меѓу нашите две армии беше, и е, се разбира сеуште, од исклучително значење.

Во делот на економијата, Словенија е наш значаен трговски партнер и инвеститор со години. И покрај намалената трговска размена оваа година поради здравствената криза, трговијата се одликува со стабилен раст. Наша задача е да го зголемиме нашиот извоз во Словенија и да го надоместиме трговскиот дефицит.

Словенечката поддршка ја добивме и во справување со ширењето на корона-вирусот. Исто така, веќе подолг временски период словенечките полицајци работат заедно со нашите полициски службеници на јужната граница, во справување со повеќегодишната мигрантска и бегалска криза.

Нашите билатерални релации ги збогатуваат и нашите научници и уметници кои ги изучуваат и предаваат нашите јазици и култура и остваруваат интензивна културна размена, како и нашите граѓани, словенечките во Северна Македонија и македонските во Словенија, кои и тука и таму го градат своето образование, својата кариера, создаваат семејства и на тој начин формираат нераскинливи врски меѓу нашите две општества и култури.

Имаме позитивно минато како дел од поранешната држава, споделуваме заедничка сегашност како сојузници во НАТО, а јас сум длабоко уверен дека ќе имаме и заедничка иднина како дел од Европската Унија. Словенија безрезервно ја поддржа одлуката на Европскиот совет во март оваа година за почеток на преговорите за нашето членство во ЕУ, а сега не поддржува во намерата да ја одржиме првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година.

Со претседателот Пахор разговаравме и за регионалната безбедност и соработка, како и за тековниот развој на политичките прилики во регионот. Заклучивме дека иднината на регионот е во целосна интеграција во Европската Унија и дека за таа стратешка ориентација не постои кредибилна алтернатива.

Почитуван колега, драг пријателе Борут,

Се надевам и очекувам успешната соработка меѓу нашите две држави да продолжи, а македонско-словенечкото пријателство да станува се поцврсто.

Ви благодарам уште еднаш што ни направивте чест со Вашата посета во време на пандемијата со КОВИД-19.

Треба да знаете
Последни објави