Search

Пендаровски: Не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ е реформирана кога почесен претседател е Груевски

Не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ е реформирана кога се уште нејзин почесен претседател е Никола Груевски, и рече кандидатот за претседател Стево Пендаровски на Гордана Силјановска – Давкова во денешната дебата за „Детектор” на ТВ „Сител”.

-Ме чуди околу реформскиот капацитет, што велите, на сегашното ВМРО-ДПМНЕ, кое се уште го има за почесен претседател Никола Груевски, забележа Пендаровски откако претходно неговата противкандидатка Силјановска истакна дека верува во новото раководство на опозициската партија.

-Верувам дека моите поранешни студенти, реформатори на ВМРО-ДПМНЕ, ги научиле лекциите од минатото и дека поинаку ќе се однесуваат, подвлече Силјановска, одговорајќи на прашањето дали ако евентуално биде претседател на државата ќе ги спроведува политиките на партијата што ја поддржа нејзината кандидатура.

Таа рече дека ги критикувала политиките и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, од стручен и научен аспект и дека од тоа нема да се откаже.

-Ова водство на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што отвори врата за мене, покажува реформски и демократски капацитети. Во разговорите дали да прифатам да бидам нивен кандидат, поставив услови – само ако сте подготвени да почнете со реформи од типот дека не ни треба влада со 26 министри, заменици, советници, дека ќе ги пренасочите парите на граѓaните, тогаш ќе прифатам. Ќе се себередуцирам и во привилегиите зашто тоа е вистински претседателски чекор. Тоа треба да биде политика на промени, потенцира Силјановска.

Пендаровски, пак, на истото прашање одговори дека како кандидат за претседател добил поддршка од 31 партија, но тоа никако не значи дека ако стане шеф на државата, ќе ги прашува што и како треба да работи.

-Физички ќе биде невозможно да ја праушувам секоја од партиите што ме поддржуваат што да правам. Со тоа секако немам намера да се занимавам. Ќе се држам до мојот човечки и политички интегритет што го градам со години. Сепак, им благодарам на сите за поддршката, напомена Пендаровски и потсети дека досега не бил член, ниту некогаш слугувал на некоја партија.

Треба да знаете
Последни објави