Search

Пендаровски на првиот работен ден: Средба со Жбогар и пораки за граѓанско помирување

Првиот работен ден новиот претседател Стево Пендаровски го почна со пораки за граѓанско помирување и залекување на отворените рани од скорешното минато.

-Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка, порача утрово Пендаровски преку Фејсбук.

На првиот работен ден од претседателскиот мандат, Пендаровски во „Вила Водно” ќе има средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самоел Жбогар.

На вчерашната инаугурација во Собранието на Република Северна Македонија, Пендаровски рече дека ќе биде претседател на сите граѓани, и на оние кои гласаа за него, и на оние кои гласаа за неговите противкандидати, како и на оние кои не излегоа на гласање.

-Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата, рече претседателот  Пендаровски на инаугурацијата, додавајќи дека време е да почне граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом.

Шефот на државата најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство, дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи.

На свечената седница во Собранието присуствуваа претседателите на Србија, Бугарија, Албанија и Косово, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, високи делегации на Турција, Полска и Словенија, пратеници, владини функционери и дипломатски претставници.
Честитка по повод инаугурацијата на Пендаровски упати и премиерот Зоран Заев.
Новиот претседател првите меѓународни средби ги имаше со високи државни делегации од соседните балкански држави кои присуствуваа на свечената седница во Собранието.

Стево Пендаровски е петти шеф на државата од нејзиното осамостојување. Пред него претседателската функција ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

Треба да знаете
Последни објави