Search

Пендаровски: Македонската Влада поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина

Првиот Косовско-македонски безбедносен форум на тема „Зајакнување на безбедноста преку соработка помеѓу Косово и Македонија”, почна денеска на ААБ Универзитетот во Приштина, а ќе трае два дена.

На отворањето на форумот говореа универзитетскиот професор Стево Пендаровски национален координатор на Република Македонија за членство во НАТО, Агим Нухиу заменик министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Бесник Тахири координатор за безбедносни реформи на Косово, деканот на Факултетот за безбедност-Скопје Никола Дујовски, претставници на Фондацијата „Конрад Аденуаер”, ААБ Универзитетот како и претставници од академската заедница и безбедносните институции на Република Македонија и Република Косово.

Во врска со дијалогот меѓу Белград и Приштина, Пендаровски нагласи дека сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко сигурно ќе го поддржат решавањето на преостанатиот спор меѓу Приштина и Белград, кој, на крајот, ќе придонесе неизмерно за неповратната пацификација на регионот. Сепак , додаде тој, посакуваниот исход нема да биде возможен ако применетите методи се земени од архивите од 19 и 20 век.

„Морам да бидам отворен со вас – да се надеваме дека размената на населението и промена на постојните граници на Балканот нема да го дестабилизираат регионот, што не е во допир со реалноста“, рече Пендаровски. Воедно меѓу другото додаде дека само два примери се доволни за потсетување.

„Прво сите треба да бидеме свесни колку е тежок процесот на донесување на законот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора. Второ, во Македонија, сѐ уште имаме горчливи сеќавања кога се сеќаваме на сите тешкотии низ кои се обидовме унилатерално да ја демаркатираме границата со Косово. Ни требаше скоро една деценија да успееме и тоа се случи само откако сите релевантни чинители беа вклучени во постапката на теренот”, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека позицијата на македонската Влада е дека поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, но само решение со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност.

„Или, да речеме со други зборови: нашата заедничка цел треба да биде: да се реши еден проблем, но, истовремено, да не се креираат неколку други”, рече Пендаровски.

Теми на форумот се: реформи во безбедносниот систем, заканите од тероризам и странски борци, како и нивната ресоцијализација и безбедносната дилема, и промените на границите за создавање на етнички „чисти“ држави или управување со малцинските права.  Форумот е во организација на Факултетот за безбедност-Скопје, Фондацијата „Конрад Аденауер” за Косово и Универзитетот ААБ.

Треба да знаете
Последни објави