Search

Пендаровски е првиот претседател кој го посети Сојузот на синдикати на Македонија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска беше во посета на Сојузот на синдикати на Македонија.Во своето обраќање претседателот Пендаровски нагласи дека успешната економија и развојот на Северна Македонија се тесно поврзани со регулацијата на работните односи и цврстата и одржлива работно-правна рамка за работниците.
-Просто  не можам да верувам дека ова е посета за првпат во историјата. Од една страна, велиме дека сме во историски момент, од друга страна да кажам отворено пред камерите, тоа е срамот на државата, за сите што биле пред мене на било која позиција, ако е ова вистина, претпоставувам дека е проверен податок, да не дојдете во најстариот и најголемиот синдикат во државата, а да велите дека работите за правата на граѓаните и за народот кој живее во оваа земја едно со друго, не оди.
Ви благодарам за можноста да се обратам во вашето седиште и сакам на почетокот да ви се извинам што порано не дојдов. Еве шест и пол месеци сум на оваа функција и не сакам да се правдам со набиената агенда и распоредот кој го имавме особено на надворешно-политички план, знаете што сé таму се случуваше. Моја е грешката, требаше да дојдам порано, меѓутоа и сега мислам дека не е предоцна и она што е важно е дека не доаѓам во предизборен период, не ми престојуваат избори и тоа значи не добивам поени за разговорот со вас.  Овде  имав можност да се видам и со првите лица во оваа организација, едно 15-16 најмалку, тоа е организација која ги обединува македонските синдикати и која ги штити и се бори за подобрување на правата на работниците, а со тоа директно придонесува и за развојот на земјата. Јасно е дека без регулирани работни односи, без цврста и одржлива, јас би рекол и предвидлива работно-правна рамка за работниците не може да има успешна економија, нема развиена држава, се разбира ниту среќни граѓани. Како што нашето општество поминуваше низ различни фази на трансформација, низ еден долг и бавен процес на транзиција, кој не е завршен за жал сеуште, така и овој синдикат се прилагодуваше кон новите општествени текови и кон промената на идеолошката матрица со цел да си го најде своето место во еден демократски амбиент, во едно демократско општество во развој, во една либерална економија која има потреба од интензивен раст. Практично моќта и улогата што синдикатот ја имаше во социјализмот сега е изменета и канализирана на друго ниво и верувам дека конечно и перцепцијата и очекувањата на јавноста се соодветни на актуелниот миг и капацитети. Секако, најбитно е дека покрај сите промени и превирања синдикатите се организации со силна и стабилна инфраструктура која активно учествува во донесувањето на законските решенија застапувајќи ги правата и интересите на работниците. Токму сојузот на синдикати е партнерот на владата во донесувањето на новиот закон за работни односи. Искрено ви честитам што успеавте да се изборите за дваесетина ваши предлози да бидат прифатени. Се разбира, има уште многу квалитетни предлози за кои владата би требало да размисли и верувам дека постојат можности за понатамошно преговарање и договарање. Несомнено работодавачите имаат си свои визии и сфаќања и ги штитат своите интереси, што е логично, и нивните барања да бидат земени предвид.  Меѓутоа велам дека ние како држава сме доволно зрели и подготвени и легислативно и во пракса да овозможиме европски стандарди кога се работи за правата на работниците. И покрај високата стапка на невработеност, сведоци сме дека на пазарот на трудот има недостаток од работна рака во некои професии и занимања што се дефицитарни и ние мораме да ги заштитиме нашите работници и да им понудиме оптимални услови за да останат во својата татковина наместо да одат на работа во странство. Едноставно мораме максимално да инвестираме во човечкиот капитал.
Знаете дека мојата функција е лимитирана во смисла на ингеренции и можности за извршни решенија. Ние не сме претседателски систем, но соодветно моите надлежности и можностите, се разбира, кои ми се на располагање сакам да ве уверам дека сум тука да е сослушам сите вас со цел подоцна да придонесам кон овие  процеси, да го помогнам дијалогот и соработката со надлежните, да ја ислушам секоја иницијатива, секој предлог, секоја сугестија, со цел да помогнам во изнаоѓање на најдобрите решенија. Сакам да ве уверам дека во мене имате сојузник во остварувањето на вашите цели, тоа е заштитата на работничките права. Морам да потенцирам дека покрај донесувањето на подобрена законска регулатива која ќе овозможи остварувања на правата на работниците и заштита на тие права од можни прекршувања потребно е апсолутно функционирање на законските решенија во пракса, односно да имаат доследна имплементација.
Меѓутоа, сакам да ви потврдам дека без да се слушне гласот на работниците, без да се чујат нивните претставници односно синдикатите, ќе биде невозможно да изградиме праведно општество и во таа смисла ви благодарам за шансата да се видиме денеска, да се сослушаме.

Треба да знаете
Последни објави