Search

Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Хрватска, Тигањ

 Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ.

Притоа, претседателот Пендаровски истакна дека двете пријателски земји ги поврзува традиционално и искрено пријателство. Овие вредности, како што рече претседателот Пендаровски, се клучни елементи за градење на побезбедна и попросперитетна иднина за граѓаните на Северна Македонија и на Хрватска, како и за целиот регион.

Изразувајќи благодарност за јасната и безрезервна поддршка којашто Хрватска ѝ ја дава на Северна Македонија, претседателот Пендаровски нагласи дека очекува нашата земја да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, токму за време на претседавањето на Хрватска со ЕУ, во првите шест месеци од следната година.

„На тој начин ќе го потврдиме нашето пријателство и соработка, посебно во овој значаен период за нашата држава, но верувам и за регионот, како и за Европската Унија, односно процесот на проширување”, истакна претседателот Пендаровски.

При предавањето на акредитивните писма, амбасадорката Тигањ истакна дека во согласност со политиката на Република Хрватска, таа секогаш ќе го истакнува досегашниот напредок на Северна Македонија и ќе продолжи да ги поддржува реформските процеси. Има голем потенцијал, како што рече амбасадорката Тигањ, двете пријателски земји и натаму да ги унапредуваат билатералните односи, нагласувајќи дека економијата, туризмот, како и националните малцинства на двете држави, се само дел од областите за продолжување на взаемната плодна соработка.

Претседателот Пендаровски на новоименуваната амбасадорка Тигањ и посака успех во вршењето на оваа одговорна дипломатска функција.

Треба да знаете
Последни објави