Search

Пендаровски во Стокхолм на средби со претставници на СИДА, Нобеловата фондација и тинк – тенк организации

Претседателот Стево Пендаровски за време на работната посета на Кралството Шведска, денеска во Стокхолм имаше средби со претставници на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА, претставници на Нобеловата фондација, како и на водечките политички организации и институти и тинк – тенк организации.

На средбата со Марие Отесон, заменик генерален директор на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА, претседателот Пендаровски беше запознаен со приоритетите на новата седумгодишна стратегија за реформска соработка на Кралството Шведска за земјите од Западен Балкан, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Целта на програмата е доближување на овие земји со Европската Унија и надополнување на активностите на ЕУ фокусирани на основните реформи. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази благодарност до Владата на Кралството Шведска за помошта која што нашата држава ќе ја добие за унапредување на повеќе области меѓу кои се човековите права, демократија, владеење на правото и родова еднаквост, одржлив еколошки и климатски развој и инклузивен економски развој.

Претставниците на Нобеловата фондација, пак, со претседателот Пендаровски разговараа за активностите од годинешното доделување на Нобеловата награда. Видар Хелгесен, извршен директор на Нобеловата фондација го информираше претседателот Пендаровски за едукативните програми за ученици и наставници чија цел е да послужат како инспирација за идните генерации да се стекнат со знаења и да го разберат и подобрат светот.

На средбата со претставници на водечки политички организации и институти и тинк – тенк организации претседателот Пендаровски изрази благодарност за континуираната развојна соработка и поддршка од Кралството Шведска за зајакнување на капацитетите на институциите на Северна Македонија, особено во областа на демократијата и владеењето на правото.

Претседателот Пендаровски, исто така, ја нагласи и улогата на шведските политички фондации, институти и тинк – тенк организации во институционалниот развој и внатрешната демократизација на политичките партии и политичкото образование.

Треба да знаете
Последни објави