Search

Пелоси: САД остануваат посветени на НАТО

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелози на средби со челниците во ЕУ и НАТО во Брисел, се обиде да ги увери партнерите дека САД остануваат посветени на трансатлантските врски.

Во услови на влошените односи со Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Пелоси се сретна со првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и го посети седиштето на Северноатлантската алијанса.

– Тука сме да ја повториме нашата посветеност кон трансатлантската алијанса, НАТО, нашата почит кон ЕУ и нашата желба да работиме заедно за да ја зајакнеме Алијансата, изјави Пелоси пред новинарите.

Американската конгресна делегација, составена од повеќе влијателни членови на Претставничкиот дом, повеќепати повтори дека ангажманот на САД кон НАТО е „недвосмислен”, во време кога Трамп сѐ почесто ја доведува во прашање припадноста на САД во Алијансата.

Односите меѓу ЕУ и САД се влошија по доаѓањето на Трамп во Белата куќа. Несогласувањата се бројни меѓу партнерите – од нуклеарниот договор за Иран, па до трговските тензии.

– Ние сме семејство, со добри и лоши моменти, несогласувања, но делиме иста концепција на светот, рече претседателот на Комисијата за надворешни работи во американскиот Конгрес, Елиот Енгел.

Американците при посетата на Брисел истакнаа дека е клучно ЕУ и САД да соработуваат на сите полиња: заканите од Русија и Кина, од тероризмот и климатските промени.

– Еден збор: почит, не само да зборуваме за нашите разлики, туку да го правиме тоа на начин кој ја признава важноста на сите страни, рече Пелоси по средбата со Јункер.

Пелоси се сретна и со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, со која разговараше за трансатлантските врски, соработка во борбата против климатските промени, човековите права и трговската политика, како и важноста да се сочува мултилатерализмот.

Треба да знаете
Последни објави