Search

Пациентите со Предијабетес се изложени на висок ризик за развој на Дијабетес мелитус тип 2

На 4 ноември, компанијата „Варус“ во соработка со Здружението на лекари по општа – семејна медицина и Сојузот на здруженија на дијабетичари ја започна кампањата за подигнување на свеста за превенција на развојот и контролата на дијабетесот. Со ова, компанијата се приклучи кон глобалната кампања по повод Светскиот ден на дијабетес, кој Меѓународната федерација на дијабетес со низа активности, го одбележува секоја година на 14 ноември.

Оваа година, кампањата става посебен акцент за превенцијата на дијабетес мелитус и соодветната контрола и третман на предијабетесот. Предијабетесот  се смета за состојба на потценет ризик. Но, факт е дека пациентите со предијабетес се изложени на висок ризик за развој на дијабетес мелитус тип 2.

Кампањата се одвива на FB и Instagram страниците „Здравјето приоритет – Аларм за свест https://www.facebook.com/ZdravjetoPrioritet/  на која до 30 ноември ќе бидат споделувани пораки и содржини поврзани со препознавање на предијабетесот, ризик фактори и симптоми, превенција и третман.

„Ние компаниите имаме општествена одговорност и можност да влијаеме на свеста на јавноста за теми кои се од интерес на заедницата. „Варус“ е овластен застапник во РС Македонија на водечката научно-технолошка фармацевтска компанија „Мерк“ која секоја година ја реализира кампањата за свесност за дијабетес, а која достигнува публика од над 1 милијарда луѓе во повеќе од 160 земји. Токму поради значењето на темата и загрижувачките статистики во нашата земја, и нашата компанија се приклучи кон оваа значајна иницијатива. Горди сме што сме дел од кампања која претставува глобален двигател за промоција на важноста за преземање на координирани и усогласени активности и соочување со дијабетесот како клучно глобално здравствено прашање, поставувајќи го дијабетесот во центарот на вниманието на светската јавност и политика.“ – истакнуваат од „Варус“.

Минатиот викенд „Варус“ беше дел и од настан кој го организираа Сојузот на здруженија на дијабетичари и Здружението на лекари по семејна медицина.  На настанот, кој се одбележа со пешачење до Средно Водно, на учесниците им беа поделени брошури со совети за предијабетес и дијабетес и тестови за самопроверка и овозможено бесплатно мерење на притисок и шеќер во крвта.

Статистики

Бројот на заболени од дијабетес мелитус во нашата земја е во пораст. Минатата година  бројот изнесувал 120.000 од кои 40.000 се на инсулинска терапија. Од вкупниот број пациенти, регистрирани биле 500 деца заболени од дијабетес мелитус на возраст до 14 години. На еден дијагностициран постои еден кој не е и незнае дека ја има болеста.

Во светски рамки, според Меѓународната федерација за дијабетес во 2017 година, бројот на возрасни лица од светската популација со нарушена гликозна толеранција изнесувал 352,1 милиони, а до 2030 година, приближно 7% од светското население или околу 400 милиони лица, ќе има нарушена гликозна толеранција. Се проценува дека околу 70% од лицата со нелекувана IFG (Нарушена гликемија на гладно) и / или IGT (Нарушена гликозна толеранција) ќе развијат дијабетес мелитус тип 2 во следните неколку години. Предијабетесот е исто така честа состојба кај младата популација во светот. Речиси една третина од пациентите со предијабетес се на возраст помеѓу 20 и 39 години, а речиси половина од вкупниот број се на возраст под 50 години.

 

 

Треба да знаете
Последни објави