Search

Панел-дискусија „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“

Денес на Универзитет Американ Колеџ Скопје се одржа панел-дискусија на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“. На настанот зедоа учество амбасадорите од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земјата актуелен претседавач со Унијата. Панелот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која за првпат можност за учество имаа и македонските граѓани, односно студентите од УАКС.

Дискусијата ја отвори Н.Е. Ласло Иштван Дукс, амбасадор на Унгарија, кој истакна дека Република Северна Македонија има јасни перспективи како членка на Европската унија. Тој смета дека ветувањата кон земјите од Западен Балкан треба да се исполнат, бидејќи во спротивно, се разнишува кредибилитетот на Унијата.

Сличен став изрази и Н.Е. Мирослав Томан, амбасадор на Чешка, кој подвлече дека Европската унија би била нецелосна без земјите од Западен Балкан. Во јули 2022 г. започнува чешкото претседателство со Унијата и тој искажа надеж дека и пред тоа ќе се најде начин за забрзување на процесите на проширување.

Според Н.Е. Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачка, нештата треба да се погледнат од поинаква перспектива и да се зборува не само за проширување, туку за интеграција, односно приемот на новите членки треба да подразбира нивна ефективна интеграција. Притоа, неопходните реформи треба да се направат пред се’ поради придобивките на самите земји канидати, а не исклучиво со цел да се добие членство во ЕУ. Неговата порака беше јасна – ако си помогнеме самите себе си, ќе ни помогне и Унијата.

Амбасадорот на Полска, Н.Е. Војциех Тицињски, го поддржува македонското членство во Унијата без какви било услови и, од геополитички аспект, смета дека треба многу да се внимава да не се дозволи влијание во регионот на земји што не ги споделуваат демократските вредности на Унијата.

Н.Е. Милан Предан, амбасадор на Словенија, изнесе оптимизам за членството на земјата во ЕУ и покрај неповолните околности во овој период, особено фактот дека треба да биде избрана нова влада во Бугарија. Тој се надева дека ќе се постигне билатерален решение и дека ќе се надминат разликите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Во моментот, смета тој, важно е фокусот да биде на реформите и нивната имплементација. Тој, исто така, ја истакна и важноста од квалитетното образование и враќањето на стручните кадри во земјата со цел за подобрување на општите услови на живеење.

По амбасадорите, можност за изразување на своите мислења добија и студентите на УАКС, кои отворија повеќе значајни теми за дискусија. Меѓудругото, студентите разговараа со амбасадорите за можностите за квалитетно образование, за прашањето за миграцијата на младите, геополитичките предизвици доколку не се интегрираат земјите од Западен Балкан, реформите на европските институции, за авторитарните тенденции во Европа, како и за прашањето како да се надминат ситуациите на блокада од една земја-членка поради сегашниот принцип на консензус. Студентите имаа можност да добијат директни информации за темите што ги интересираат, а амбасадорите го слушнаа гласот на младите од Република Северна Македонија и што значи за нив Унијата и членството во неа.

Панел-дискусијата беше дел од програмата организирана од страна на унгарското претседателство на Вишеградската група и УАКС со цел да се потенцира важноста од процесот на проширување и вклучување на граѓаните од земјите на Западен Балкан, посебно младите, во процесот на креирање на иднината на Европа.

Треба да знаете
Последни објави