Search

Пандемијата од коронавирусот може повторно да ја заживее Исламска држава

Исламската држава важеше за поразена терористичка организација, но сега гледа шанса во хаосот што поради коронавирусот ги зафати и Сирија и Ирак, пишува Дојче веле и додава дека постои стравување дека илјадници уапсени џихадисти би можеле да побегнат од затворите.

Минатата недела, Исламската држава ја опиша пандемијата како „болна агонија” што Бог ја испратил до христијаните.

Британскиот истражувач Ајмен Џавад ал Тамими истакна дека во изјавата на Исламската држава факторот на страв има поголемо дејство врз луѓето отколку самата епидемија.

Западниот свет е на работ на една од најголемите економски катастрофи бидејќи го ограничи движењето, пазарите пропаѓаат и јавниот живот е стопиран. Го молиме Бог да ги зголеми нивните страдања и да ги спаси верниците од тоа, порача Исламската држава, пренесува Дојче веле.

Пандемијата влијае и на воените акции против терористичката група, за која се смета дека е воено поразена од минатата година.

Во Ирак, НАТО на почетокот на месецот најави дека обуката за војници ќе биде прекината на 60 дена поради пандемијата, додека министерот за одбрана на Велика Британија го намали бројот на британските трупи.

Дојче веле проценува дека коалициите против Исламската држава во Ирак и Сирија мора да преземат мерки на претпазливост за да спречат појава на заразата меѓу трупите, бидејќи вирусот во меѓувреме се појави и во Сирија.

Иако Власта на САД мисли дека преземените мерки нема да влијаат на операцијата против Исламската држава, пандемијата ја поткопува локалната борба против терористичката организација, додава Дојче веле.

Пандемијата неизбежно ќе го привлече целото внимание и ресурси, изјави Колин Кларк од Центарот за истражување Суфан во Њујорк и додава дека поради тоа борбата против Исламската држава нема да биде во фокусот.

Терористичката група уште од средината на март ги предупреди нејзините членови да не патуваат во Европа и други погодени региони.

Наместо тоа, ќе добијат некој вид заштита од Бог од вирусот ако учествуваат во џихад, се наведува во објавите на Исламската држава.

Постои страв и од бегство на терористите, нивните сопруги и деца од затворите во регионот.

Уште во октомври повеќе од 750 лица, кои биле осомничени дека се во контакт со Исламската држава, побегнале од камп во североисточна Сирија.

Ова им успеало бидејќи курдските воени сили биле окупирани со турската офанзива.

Ако вирусот се прошири и во затворите, што може да биде случај сега, тогаш Курдите кои се задолжени со управување одредени затвори ќе мора да се откажат од својата мисија, додава Кларк, автор на книгата „По калифатот”.

Само во Ирак во моментов околу 20.000 лица во затворите осомничени дека се борци на Исламската држава и можат да добијат помош од други борци од Исламската држава во бегство од затвор.

Во пандемијата Исламската држава гледа шанса и сака да ја искористи, заклучува британскиот истражувач Ал Тамими.

Треба да знаете
Последни објави