Search

Пандев одлучи да заврши со играњето фудбал

По збогувањето од репрезентативниот дрес, лани на дуелот со Холандија во Амстердам, за време на премиерниот настап на „црвено-жолтите“ на завршницата од ЕП, македонската фудбвалска легенда Горан Пандев официјално потврди дека ја заврши и играчката клупска кариера.

Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња Пандев му кажува збогум на активното играње на фудбал. Искусниот голгетер беше без клуб по завршувањето на ланската сезона што ја мина како член на италијанскиот второлигаш Парма. Пандев заминува во „фудбалска пензија“, а тоа го обелодени во изјавата за италијанскиот весник „Газета дело спорт“, потенцирајќи дека во иднина ќе посвети повеќе време на семејството.

Ваков епилог се насетуваше на почетокот на сезонава кога искусниот 39-годишен македонски интернационалец Пандев го немаше во составот на Парма. Популарниот „Гранде Пандев“ имаше успешна кариера, главно интернационална со настапи за екипи во Италија, а круна му беше шампионската титула со Интер во Лигата на шампионите во 2010 година.

-По 20 години кариера, доста е со фудбал. Мојот син наполни 13 години и во целиот живот успевав малку почесто да го видам само во паузите меѓу две сезони. Сега дојде време да уживам со моето семејство. Веќе никако не ми влегуваше во глава дека ќе морам да одам на нови подготовки и знаев дека е доста. Ќе останам во фудбалот бидејќи друго и не знам да работам. Сè уште не знам што, но не сакам да бидам тренер. Можеби агент, спортски директор…“, изјави Пандев за „Газето дело спорт“.

 

Треба да знаете
Последни објави