Search

Палмер: Белград и Приштина да се угледаат на Скопје и Атина

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, во своето обраќање на церемонијата по повод 20-годишнината од влегувањето на силите на НАТО во Косово, на косовските и српските лидери им порача да се угледаат на своите колеги од Северна Македонија и Грција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Договорот од Преспа за решавање на долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина, Палмер го оцени како „огромен чекор на Грција и Северна Македонија, постигнат благодарение на нивните далекувидни лидери”, премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Американскиот дипломат побара од лидерите на Косово и Србија да го остават настрана минатото и да работат посветено на постигнувањето договор, кој ќе резултира со меѓусебно признавање.

– Треба да се заборават инаетите. САД продолжуваат да го поддржуваат Косово и да го охрабруваат да напредува. Косово и Србија треба да го продолжат дијалогот до меѓусебното признавање на двете држави. Косово и Србија секогаш ќе бидат соседи, изјави Палмер.

Говорејќи за 20-годишнината од влегувањето на НАТО во Косово, Палмер изјави дека е среќен поради интервенцијата на Алијансата, со која, како што рече, беа запрени уништувањата кои ги вршеше тогашниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

– НАТО во 1999 година интервенира откако беа исцрпени сите дипломатски средства. Интервенцијата беше последната можност да се запре Милошевиќ во неговата намера да ја уништи оваа земја, изјави Палмер.

Треба да знаете
Последни објави