Search

„О2 иницијатива“ со порака до џифонци: „Бидете гласни против загадувањето“

Седмото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе биде затворено вечерва во 19 часот во киното „Милениум“. Низ повеќе видеа ќе биде прикажано што сѐ сработија учесниците на фестивалот во изминатите пет дена, од нивните дискусии, активности на работилниците и мастер-класовите. Ќе бидат соопштени насловите на најдобрите филмови што ги избраа младите членови на жирито. Влезот е слободен.

„Воздух“ беше темата на годинашното издание на 7. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Токму на оваа тема вчера, на последниот мастер-клас, дискутираа џифонци заедно со претставници од здружението „О2 иницијатива“.

Секој треба да тргне од себе. Да се возиме со автобуси, да возиме велосипеди, ако видиме ѓубре, треба да го кренеме, да садиме дрвца, да ги користиме камерите за да „ловиме“ загадување – ова се дел од пораките што џифонци ги упатија. Добро информирани, но и изреволтирани што возрасните и властите прават малку за Скопје и нашата земја да биде поубаво место за живеење, џифонци се вклучија активно во темата „Јас, обичниот граѓанин, во борба против аерозагадувањето“, низ која ги водеше Ели Пешева од „О2 иницијатива“.

 

Освен „О2 иницијатива“, на главната тема на фестивалот свој придонес дадоа и здруженијата „Еко-свест“ и „Friday for future“, за чии дискусии младите покажаа голем интерес.

Пешева им нагласи на младите дека треба да бидат иницијативни и да ги користат социјалните мрежи и медиумите за да се придонесе за покренување на еколошката свест.

– Ние во здружението читаме закони, буџети, следиме резултати од апликации и од станици за мерење зашто добро информирани граѓани се, всушност, вклучени ангажирани граѓани. Владата има 18 официјални мерни станици, а 14 од нив не работат. Ветија дека ќе ги поправат до крајот на годината, но ете сѐ уште не работат. Ние соработуваме со pulse.eco и укажуваме на местата каде што има опасност од загадување. Нашата идеја е да ја збогатиме оваа мрежа, да имаме 100 различни места во Скопје, но и во другите градови што се позагадени. Сакаме да имаме и мобилен систем за мерење – истакна Пешева.

Таа потсети на огромната важност на апликацијата „Мој воздух“ што ја создаде Горјан Јовановски.

– Тој ја создаде оваа апликација, која е поврзана со станиците за мерење на Владата, веројатно во тоа време мислеа дека ништо не може лошо да се случи, но информациите почнаа да стануваат јавни и луѓето стануваа поинформирани. Кога вредностите растат и паниката расте, а тогаш и луѓето се погласни со желба да ги слушне власта – рече Пешева.

Неколку успешни герила-акции се исто така направени во соработка со повеќе здруженија.

– Вклучете се во вакви акции, не мора да припаѓате на организација или партија. Герила-акциите се многу популарни и ефективни. Го подобруваат јавното мислење и прават разлики. На пример, имавме герила поттикнати од 800-те дрвја чии корења се зацементирани. Преку ноќ направивме акција во парк среде лето, ги нацртавме корењата како треба да личат, напишавме „Ми треба слобода“ и имавме одлична медиумска поддршка. Може не успеавме да ги ослободиме сите 800 дрвја, но влијаевме за 100-ина. Беше освоена битка, не и војна – рече Пешева.

Некои млади истакнаа дека им фалат информации, но и дека многу не веруваат дека со протести може да се влијае врз јавното мислење и врз властите.

– Протестите не придонесуваат многу. Вистинските акции се ефективни. Се обидуваме да влеземе во европското семејство, а ние сме најзагадениот град во Европа. Па тие би се срамеле од нас. Едвај чекам да наполнам 18 години и да почнам да возам автомобил и да не се возам со автобус. Луѓето не се грижат за другите. Внатре смрди, надвор смрди. Во Аеродром имаме многу зелени места. Ми го зедоа маалото кај што пораснав – ливада кај „Мајчин дом“ и протестиравме за ништо – вели револтираниот гимназијалец.

Учесничка од Хрватска го искритикува Скопје велејќи дека градот е многу нечист и му недостига зеленило и паркови.

– Прво нешто што забележав во Скопје е колку е нечисто. Не лутете ми се што ќе го кажам ова, многу ми е убава дружбата на „Џифони“. Хрватска не е совршена, имаме толку многу проблеми, што не сакам да почнам да зборувам. Но, Скопје нема зеленило, има премногу згради, нема паркови. Во Хрватска свеста е на малку повисоко ниво. На пример, во моето училиште престанаа да продаваат пластични цевчиња, и тоа е нешто. Можам само да ви кажам дека треба да ги користите вашите камери почесто. Снимајте, споделувајте. Така ќе привлечеме внимание – вели младата Хрватка.

Во изминатите шест дена повеќе од 600 деца и млади од 10 земји учествуваа на фестивалот „Џифони Македонија“. Гледаа филмови, дискутираа, се забавуваа, учествуваа на работилници. Фестивалот го помогнаа: Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Giffoni opportunity“, Министерството за култура на Италија, Министерството за култура на Северна Македонија, италијанската амбасада во РСМ.

Треба да знаете
Последни објави