Search

О2 Иницијативата: Додека го реализира планот против аерозагадувањето на Владата ќе и помине мандатот

О2 Иницијативата има низа забелешки на владината Програма за намалување на аерозагадувањето / План за чист воздух, со која се очекува да го намали загадувањето на воздухот во наредните две години до 50% во Скопје и од 30 до 50% во другите градови.

Според нив, во програмата не се направени потребни анализи, не е изготвен детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.

Програмата е соодветна за предизборна програма, но не и за усвоена Програма од страна на Владата за намалување на аерозагадувањето како стратешки приоритет, две години по завршување на изборите”, укажуваат од О2 Иницијативата.

Нивните забелешки ги пренесуваме интегрално:

,Планот/Програмата е за две години и нема одвоено што во првата година ќе се оствари, што во втората. Две години од сега, кога ќе се даде отчетност за овој план, мандатот на оваа Влада ќе биде изминат. Тоа претставува огромен проблем во однос на преземање одговорност за спроведување на програмата. Нема да има кој да одговара за неисполнување на Програмата/ Планот.

Нема образложено како ќе се дојде до зададената цел. Колку се очекува да се намали загадувањето од секоја област која допринесува како извор, за колкав процент и врз основа на што се базира таквата проекција. Како се очекува намалувањето да се движи во тек на наредните две години.

Активностите немаат детален опис, нема наведно кој ќе ги спроведе, која институција, нема наведено кој е одговорен за секоја активност поединечно, нема интеримни рокови на 3, 6, 9, 12 сè до 24 месеци кога треба целосно да се исполни најавеното. Нема наведено колку средства се потребни за секоја мерка да се спроведе, од каде ќе се обезбедат и во кој рок, односно рокови кога е во прашање неколкукратно обезбедување на финалната сума.

Најголем број од активностите не се конкретни, не се знае што точно се подразбира, има многу ,,зголемено, зајакното, зачестено, воведување, стимулирање, примена, измени”, а отсуствуваат конкретно наведни активности со точно за колку зголемено, за колку зајакнато, колку зачестено, како точно ќе се спроведе, тоа што се планира да се воведе, како точно ќе се стимулира, кои точно модели ќе се применат, кои ќе бидат законските измени и што тоа значи конкретно, кои се импликациите од тие измени.

Заклучено е дека субвенционирањето не е најсоодветниот и најефикасен начин и може негативно да влијае врз пазарните активности. Допрва ќе се изнаоѓаат модели за поттикнување на приватните компании да понудат посоодветни пакети, а домаќинствата полесно да можат да се одлучат да ги променат технологиите за греење.

Допрва ќе се воспостави систем за следење на прогресот на имплементацијата и резултатите од програмата, допрва ќе се подготви мониторинг план со мерливи и реални индикатори, и алатка за собирање и анализа на податоците. Сето ова требало да е спремно и да се почне со реализација веднаш.

Вака прикажанта Програма за намалување на аерозагадувањето / План за чист воздух наведува на заклучок дека не се направени потребни анализи, не е изготвен детален реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати за да се постигне зададената цел во зададениот рок.

Програмата е соодветна за предизборна програма, но не и за усвоена Програма од страна на Владата за намалување на аерозагадувањето како стратешки приоритет, две години по завршување на изборите.

 

Треба да знаете
Последни објави