Search

ОЈО ја отфрли кривичната од Кекеновски против ДИК

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од лицето Јове Кекеновски против претседателот и членовите на Државната изборна комисија за кривичните дела – Повреда на избирачко право од член 159 став 1 во врска, Повреда на слобода на определување на избирачите од член 160 став 2 во врска со став 1, Уништување на изборен материјал од член 164 став 2 во врска со став 1, како и Изборна измама од член 165 од Кривичниот законик.

Подносителот во пријавата наведе дека седумтемина пријавени, вршејќи ја службата во врска со спроведувањето на предвремените парламентарни избори за 2020 година, спротивно на Изборниот закон, ги лишиле од право избирачите од правото да гласаат за коалицијата „Никогаш Северна – Само Македонија”, предводена од политичката партија Единствена Македонија, а во која учествувале и граѓанските здруженија ФРОДЕМ, Тврдокорни и Ветерани на ВМРО 1990 година. Според наводите во пријавата, откако јавно го утврдиле редоследот на оваа коалиција под реден број 11 на гласачкото ливче, пријавените незаконито наложиле промена и наместо коалицијата со ова име, под редниот број 11 ја впишале само партијата Единствена Македонија. Со ова тие ги довеле во заблуда гласачите и ги лишиле од правото да гласаат за кандидатите предложени од коалицијата.

Јавниот обвинител, заради утврдување на фактичката состојба, до Државната изборна комисија поднесе барање за доставување податоци во врска со наводите од кривичната пријава, од каде беше доставена комплетната документација. Од доказите произлезе дека на 12.03.2020 година политичката партија Единствена Македонија до Државната изборна комисија поднела листа на кандидати за пратеници со назив „Никогаш Северна – Само Македонија”, при што била извршена идентификација на подносителот врз основа на полномошно од политичка партија, единствен даночен број, отворена трансакциска сметка и изјави за прифаќање кандидатура, сите поднесени од име или за сметка на партијата Единствена Македонија како самостоен учесник на изборите, вклучувајќи и решение за регистрација на политичката партија и потврда од Основниот граѓански суд Скопје за регистрација на партијата. Државната изборна комисија констатирала определени формални недостатоци на поднесените листи, при што се обратила до политичката партија Единствена Македонија со барање да ги отстрани, а партијата постапила по барањето и во дадениот рок доставила исправена документација. По ова Државната изборна комисија ги потврдила листите од политичката партија Единствена Македонија и ги објавила во дневниот печат и во Службен весник, на што партијата не приговорила.

По предвремените парламентарни избори и објавата на првичните резултати, партијата Единствена Македонија повела постапка пред Државната изборна комисија за заштита на своето избирачко право согласно член 148 од Изборниот закон, во која меѓудругото го оспорила и називот под кој била евидентирана на гласачкото ливче. Државната изборна комисија го разгледала и донела решение со кое го одбила приговорот како неоснован, со образложение дека називот на листата е определен согласно закон, односно според називот на подносителот на листата. Управиот суд исто така со пресуда ја одбил тужбата на Единствена Македонија како неоснована со истите аргументи.

При ваквата состојба, надлежниот јавен обвинител ценеше дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни обележја на предметните кривични дела ниту на други дела кои се гонат по службена должност. Имено, во одредбите на Изборниот закон стои дека подносител на листа на кандидати за пратеници се регистрираните политички партии самостојно или нивни коалиции регистрирани во Државната изборна комисија и група избирачи, при што коалиција е здружување врз основа на договор на две или повеќе регистрирани политички партии за заедничко настапување за време на одржување на изборите. Во член 60 став 6 од Изборниот закон изрично е пропишано дека називот на листата се означува според името на подносителот, а во точка 5 од глава 1 на Упатството за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, стои дека договор за коалицирање не може да склучат граѓански организации и фондации.

Видно од целокупната документација која е од име и за сметка на политичката партија Единствена Македонија, оваа партија самостојно учествувала на изборите, а не во коалиција со други субјекти, како што стои во пријавата, бидејќи тие субјекти се граѓански здруженија и не ги исполнуваат законските услови да учествуваат во изборна коалиција. Исто така, целата постапка, писмена комуникација и размена на преписки и писмена била со партијата Единствена Македонија, со што овој подносител и самиот се идентификувал и прифатил да му се обраќаат како на самостоен учесник во изборниот процес. Всушност, доколку пријавените и овозможеле на политичката партија да учествува на изборите со различен назив на листата на кандидати ќе постапеле спротивно на законот и на упатството.

Дополнително, неоснован е наводот дека пријавените ги довеле во заблуда гласачите и дека ги оневозможиле гласачите да ги изберат кандидатите предложени од политичката партија Единствена Македонија, бидејќи уште пред одржувањето на изборите јавноста била запознаена со називите на сите подносители на листите и нивниот редослед на гласачкото ливче.

Од овие причини, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава и го достави до подносителот, кој има право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена од приемот на решението.​

Треба да знаете
Последни објави