Search

ОЈО: Притвор за пиштолџиите од Маџари

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за убиство во обид за престрелката вчера во Маџари.
Како што претходно информираше МВР, инцидентот се случил околу 11 часот на улица Благоја Стефковски кога автомобилот „голф“ што го управувал Д.З.(48) од Скопје, бил удрен од друг автомобил „голф“, а автомобил „алфа ромео“ му го попречил патот. Тогаш А.И. (39) од „голфот“ и Б.И.(31) од „алфата“, двајцата од село Сингелиќ почнале да пукаат во автомобилот на Д.З., а овој им возвратил на огнот.

 

– Осомничените по претходен договор со умисла се обиделе да го лишат од живот оштетениот, кој заедно со неговиот малолетен син и со уште две лица со кои бил во роднинска врска биле во автомобилот. Осомничените откако го сопреле „голфот“ излегле од нивните возила и заедно со други засега непознати лица со шипки ги искршиле стаклата на голфот, по што двајцата со пиштоли почнале да пукаат кон оштетениот, нанесувајќи му тешки телесни повреди во вид на огнострелни рани и скршеници на двете потколеници. Оштетениот паднал на земја, но еден од неговите роднини со својот гасен пиштол преправен како огнено оружје возвратил на пукањето. И за ова лице надлежниот обвинител ќе води постапка, бидејќи постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност, предвидено и казниво според член 288 став 1 од Кривичниот законик, велат од ОЈО.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, за двајцата осомничени за обид за убиство, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор.

Едниот од нив е достапен на органите на прогонот, додека другиот е во бегство. За осомничениот за предизвикување општа опасност, надлежниот јавен обвинител на судот му предложи да определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за повремено јавување кај определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Треба да знаете
Последни објави