Search

Охрид домаќин на кампот на Фондацијата на најтрофејниот клуб на планетата – Реал Мадрид

Од 14 до 18 јануари, Македонија ќе биде домаќин на кампот на Фондацијата на најтрофејниот клуб на планетата, Реал Мадрид. Шпански тренери, кралско искуство, светски фудбал ќе искусат децата од 7 до 17 години, кои ќе бидат дел од вториот Real Madrid Foundation Campus Experience Macedonia, кој ќе се одржи во Охрид.

На прес-конференцијата која се одржа во просториите на општина Охрид, градоначалникот Јован Стојаноски ја изнесе својата поддршка за кампот со највисоко реноме на светот.

„Општина Охрид во рамките на овој проект е само еден поддржувач кој што и во минатото поддржувал вакви проекти кои што значат развој на младите, на спортскиот дух и позитивна енергија во нашиот град. Сето тоа ќе придонесе за своевидна промоција на Охрид. Поради тоа оваа година решивме да бидеме поддржувачи на вашиот камп, а во зависност од развојот на овој проект во годините кои што следуваат ќе потпишеме и договор за соработка или некоја друга форма на кооперација помеѓу нас. Општина Охрид наскоро ќе излезе и со своевидна промоција на градот како нова спортска туристичка дестинација и на тој начин ќе дадеме придонес во развојот на туризмот и пренасочување на сегментот на гостите коишто доаѓаат. Би сакал да им честитам на раководните структури на хотелот „Аквалина„ кои покажуваат интерес во правец на она што ние го разговараме како стратегија за развој на туризмот во Охрид, преку поддршка на спортските клубови кои доаѓаат од балканот и пошироко меѓу кој спаѓа и овој проект кој имаме чест и задоволстсво да ви го преставиме денес“, изјави градоначалникот на општина Охрид.

На глобално ниво, Campus Experience е спортски едукативен проект кој постои една деценија како најсилен проект во светот на спортот, меѓународен и мултикултурен проект, каде што над 3000 деца од 100 националности биле заедно во изминатата година.

„Фондацијата Реал Мадрид е производ на клубот кој ја развива социјалната посветеност преку образовни проекти и социјална интеграција. Таа ја промовира практиката на тимски спортови во Шпанија и странство, промовирајќи ги позитивните и образовните вредности на спортот како алатка способна да придонесе за интегрален развој на личноста. Кампус Експириенс е проект со специфични активности од областа на едукацијата развиена од Фондацијата Реал Мадрид во рамки на својата програма на активности за да им даде можност на сите момчиња и девојчиња од 7-17 години, кои сакаат да се едуцираат преку стекнување на вредности кои им ги овозможува фудбалот”, изјави Влатко Тодев, првиот човек на Спорт Арена, носител на лиценцата за организирање на кампови на Реал Мадрид Фондација Кампус Експериенс во Македонија.

Овој проект е присутен на пет континенти и ги обединува децата преку нивната страст кон фудблскиот клуб Реал Мадрид и вредностите на клубот, како што се: напорна работа, иницијатива, самоконтрола, тимска работа и респект.

Во следната година на ова големо семејство ќе им се приклучат и 100 деца од вториот Real Madrid Foundation Campus Experience. За нив ќе бидат одговорни лиценцирани тренери од Мадрид, а според правилата на клубот еден тренер ќе работи со 20 фудбалери. Логистиката на организаторот во Македонија ја спроведува КМГ Спорт агенција, специјализирана за спортски настани и проекти.

Треба да знаете
Последни објави