Search

Официјални резултати од локалните избори во северно Косово, убедлива победа на Српската листа

Косовската Централна изборна комисија (ЦИК) ги објави денеска конечните резултати од гласањето на вонредните локални избори што на 19 мај се одржа во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што објави претседателката на ЦИК Ваљдете Дака, победници на изборите за градоначалници во општините Лепосавиќ, Звечане, Зубин Поток и Северна Митровица, со освоени од 90,4 до 96,7 отсто од гласовите, се кандидатите на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), која и претходно ги водеше тие општини.

Покрај СЛ, со свои кандидати на изборите учествуваа и владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) и опозициската Движење Самоопределување (ВВ), чии кандидати освоија меѓу 1,4 и 5,6 отсто од гласовите.

Според официјалните податоци на ЦИК, на гласање излегле 42,42 отсто од вкупно 57.983 граѓани со право на глас, а изборниот процес помина без ниту еден инцидент.

Вонредните изборите во четирите општини во северно Косово беа распишани откако тамошните градоначалници кон крајот на минатата година поднесоа оставки во знак на револт поради воведувањето на таксата од 100 отсто на увозот на српски производи.

Треба да знаете
Последни објави