Search

Отфрлено барањето за дозвола за излез од затвор на осудениот терорист Куфодинас

Продолжувам со штрајкот со глад сѐ додека не се покаже дека сум во право или до крај, одговара првиот човек на терористичката организација „17 Ноември”, Димитрис Куфодинас, осуден на 11 доживотни затворски казни, по новото, второ по ред отфрлање на неговото барање за дозвола за неколкудневен излез од затвор, јави дописничката на МИА од Атина.

Куфодинас продолжува со штрајкот со глас започнат на 2 мај. откако надлежниот суд во грчкиот град Волос, денеска го усвои предлогот на Обвинителството и едногласно го одби барањето на Куфодинас за ослободување, со образложение дека не ги исполнува условите предвидени со законот за обезбедување нова дозвола.

„Мозокот” на „17 Ноември”, во писмената изјава преку неговата адвокатка вели дека целиот случај не се однесува само на неговата дозвола за излез, туку „е напад на правото на говор и изразување, на правото на затвореникот, но е пред сѐ прашање на борбено достоинство” и додава дека штрајкот со глад е последното средство за борба.

– Затоа продолжувам со штрајкот со глад, сѐ додека не се покаже дека сум во право или до крај. Одбивам секаква медицинска помош и ги ослободувам моите најблиски од одговорноста за одлуката лекарите да ме повратат, во случај да ја изгубам свеста, вели Куфодинас во изјавата преку неговата адвокатка.

За целиот случај, според грчките медиуми, интервенирала обвинителката од Врховниот суд на Грција, Кенија Димитриу, која побарала да ѝ бидат доставени одлуката на Судот, медицинското досие на Димитрис Куфодинас, како и Извештајот на социјалниот работник од затворот, со цел да ги проучи. Во случај обвинителката да има поинакво мислење од одлуката на Судскиот совет, таа има можност да го поништи решението.

Куфодинас вчера во писмо до Директорот на болницата во градот Волос, каде што беше префрлен откако започна штрајк со глад, обвини дека е подложен на нехуман третман.

– Условите при мојот престој тука, во магацинот во вториот подрум на објектот на болницата, веднаш до мртовечницата, претставуваат нехуман третман и тортура. Затоа, барам веднаш да бидам префрлен на соодветна клиника од болницата, за да има присуство на болничари кои ќе помогнат во исполнувањето на основните индивидуални потреби. Во спротивно, изјавувам дека не сакам повеќе да останам во вашата болница и изјавувам и одговорно потпишувам дека сакам да се вратам во земјоделскиот затвор и во мојата ќелија да продолжам со штрајкот со глад, пишува Куфодинас во писмото до директорот на болницата.

Од ноември 2017, Куфодинас доби четири 48-часовни и две шестдневни дозволи за излез од затвор, а последната, шестдневна на крајот од минатата и почетокот на оваа година, во пресрет на новогодишните празници му дозволи слободно да се движи низ регионот Атика и ја искористи за прошетка низ центарот на Атина.

Димитрис Куфодинас е еден од основачите на терористичката организација „17 Ноември”, која беше активна од 1975 до 2002 година. Шеесет и едногодишниот „мозок” на организацијата е осуден за 11 убиства, извршени од 1985 до 2000 година. Куфодинас стои зад убиствата на издавач на весник и неговиот возач, на претседател на голема грчка компанија, на бизнисмени, воени аташеа во амбасадите на САД и Велика Британија, дипломати од Турската амбасада во Атина, зад убиството на гувернерот на Банката на Грција, на пратеникот Павлос Бакојанис, но и зад убиството на еден студент кој го загуби животот „под грешка”, бидејќи испуканата ракета беше наменета за тогашниот министер за финансии.

На 5 септември 2002, сам ѝ се предаде на полицијата и рече дека ја презема политичката одговорност за активностите на „17 Ноември”.

Во август минатата година од атинскиот, беше префрлено во т.н. земјоделски затвор во Волос.

Треба да знаете
Последни објави